Официјалната премиера на RS5 се очекува секој момент, но веќе протекоа неколку фотографии од новиот модел на Audi Sport – кој се очекува да има плаг-ин хибриден 2.9-литарски твин-турбо V6!
Сега за сега немаме никакви официјални информации, па ќе се задржиме на она кое е веќе на овој или оној начин потврдено. Интересно, ние го уловивме новиот RS5 целосно камуфлиран уште во 2024 – и тоа на улиците на Скопје!
Според информациите до кои дојдовме, новиот Audi RS5 се очекува да биде задвижуван од плаг-ин хибриден погон базиран на 2.9-литарскиот твин-турбо V6.
Се очекува дека системската моќност на овој погон ќе биде некаде во рамките на 650 коњски сили. Неофицијално, дознаваме дека погонот ќе му овозможи на RS5 да забрза до 100 километри на час за околу 3.4 секунди. Немаме информации за максималната брзина, но „делот на струја“ би требало да овозможи да се поминат околу 80 километри на струја.
Официјалното деби го очекуваме секој момент. Од она што можеме да го видиме, RS5 ќе се нуди како караван, но и како седан. За нас еден караван ако може!













