Новиот електричен SUV на Volvo ги поместува границите – опремен со брдо нови технологии и достапен со супер-ефикасни погони, може да помине повеќе од 800 километри со полни батерии!
Пред да зборуваме за технологиите, ајде набрзина за дизајнот. Вистината е дека EX60 не го редефинира дизајнерскиот јазик на шведскиот бренд, туку му овозможува да еволуира во уште посовремена насока. Како што и очекувавме – деталите се внимателни, линиите се остри, а површини се чисти и без непотребни „џиџи-миџи“ финти. Благодарение на дизајнот, EX60 има коефициент на отпор од само 0.26 – а тоа придонесува кон ефикасноста и огромниот опсег.
Океј, а технологиите? EX60 е поставен на новата SPA3 архитектура која добива и целосно-нов мозок, односно HuginCore системот. Оваа поставеност овозможува многу нови иновативни технологии и решенија, меѓу кои е и можноста батеријата да биде структурен елемент, а Volvo користи и супер-цврст челик за кабинската ќелија. Според Volvo, сето ова овозможува помала тежина, подобрена ефикасност и намалени трошоци.
И секако, најважното прашање кое секогаш се поставува – а колку може да помине со полни батерии. EX60 ќе се нуди со неколку погонски варијанти – P6 со погон на задните тркала и опсег до 620 километри, P10 со погон на сите четири тркала и опсег до 660 километри и врвниот P12 AWD со неверојатен досег до 810 километри.
Секако, за да се постигне тоа се користат супер-напредни батерии со капацитет до 83, 95 и 117 kWh, соодветно. Основната верзија има електромотор кој испорачува 374 коњски сили, средната варијанта добива два електромотори за вкупно 510 коњски сили и врвната варијанта (исто со два електромотори) има на располагање вкупно 680 коњски сили. Полнење? EX60 може да се полни со максимални 400 kW, што пак овозможува за само 10 минути да се дополнат 340 километри во батериите.
Кабината ветува многу простор, а ќе доаѓа и со сите нови технологии кои шведскиот бренд го има во своето портфолио. Она кое ќе го истакнеме е целосната интеграција со Google Gemini AI, што пак овозможува целосна гласовна комуникација со системите. За аудиофилите, тука е Bowers & Wilkins аудио системот со 28 (!!) звучници.
EX60 навистина ги поместува границите. Се очекува да пристигне на пазарот во текот на оваа година. Volvo веќе најави и Cross Country варијанта која ќе добие малку повисока суспензија, дополнителна заштита под подот и уште неколку други доработки.

























