Arrizo 8 е важен новитет на Chery на нашиот пазар, а неговиот плаг-ин хибриден погон е вистински „ас во ракав“.
Некои автомобили се истовремено и лесни и тешки за објаснување. Да, Arrizo 8 е долг, елегантен седан, и да, седаните полека но сигурно стануваат реткост на улиците. Но кога на пазарот пристигнува седан кој може вистински да го помести сегментот, тогаш треба внимателно да го разгледаме.
Што е Chery Arrizo 8? Па.. Седан! Но истовремено, Arrizo 8 е и технолошки шоукејс на јапонскиот гигант, затоа што токму во Arrizo 8, Chery го покажува сето свое знаење и ја демонстрира својата експертиза околу хибридните погони.
Плаг-ин хибриден погон, кој всушност повеќето од времето е електричен
И пред да зборуваме за било што друго, ќе зборуваме за погонот. Основа за плаг-ин хибридниот погон на Arrizo 8 е електромотор кој испорачува 204 коњски сили и 310 Nm, кој пак се напојува од батерија со капацитет од 18.3 KWh. Зошто е ова основата? Затоа што во суштина, Arrizo 8 се однесува повеќе како електричен автомобил, отколку како конвенционален автомобил или пак плаг-ин хибрид.
Според официјалните податоци од Chery, eлектромоторот и батеријата овозможуваат автономија од околу 115 километри во град. Во секојдневни услови, очекувајте реална автономија од некаде меѓу 85 и 100 километри. А кога ќе се потроши батеријата, Arrizo 8 се трансформира во хибриден автомобил кој благодарение на 1.5-литарскиот T-GDI турбо-бензинец има вкупна автономија од околу 1400 километри! Турбо-бензинецот испорачува 143 коњски сили и 215 Nm вртежен момент.
И она што изненадува е дека (благодарение на многу вуду-магија под предниот поклопец), дури и кога ги користите системските 278 коњски сили и 365 Nm вртежен момент, можете да очекувате просечна потрошувачка на бензин од околу 5 литри на 100 изминати километри! А кога ја користите системската моќност, 100 километри на час пристигнуваат за 7.8 секунди, додека максималната брзина е 185 километри на час.
Инаку, батеријата се полни со моќност до 40 kW, што во вистинскиот свет значи полнење од 30% до 80% за околу 18 минути. Но вистината е дека како и секој плаг-ин хибрид, Arrizo 8 ќе го полните навечер, на евтина струја – па не е ни важно колку брзо се полни.
Силата ја пренесува кон предните тркала преку интересен, комплексен DHT (Dedicated Hybrid Transmission) автоматски менувач, кој всушност има 1 брзина и 9 симулирани режими на работа. И всушност, можеби и тука е магијата – без оглед на брзината или „степенот“ на пренос (и особено во Sport режим), Arrizo 8 забрзува нанапред со интензитет и ентузијазам кои јасно и (и не премногу) гласно ги демонстрираат тие 278 коњски сили. И да ги заборавиме оние арбитрарни, предкооперациски муабети од типот на „ама како забрзува со четворица и полн багажник“. Апсолутно се непотребни.
Елегантен, самоуверен седан
Ајде сега малку за дизајнот. Arrizo 8 е самоуверен, елегантен седан. Или лимузина, како милувате. Дизајнот е елегантен, но со доза на самоуверена агресивност, особено на предниот дел. Светлата се хоризонтални и исфрлени кон аглите, за да се нагласи широката каросерија, а длабоката предна решетка сугерира моќ.
Профилот е долг, дури можеби и малку купеовски. Гледан директно до страна, доаѓа до израз дискретниот заден спојлер, но вниманието го задржуваат и големите тркала и карактерната линија која се провлекува од предната врата па сè до малиот заден спојлер.
Задниот дел е дефиниран од трендовскиот едноделен светлосен елемент кој повторно има задача да истакне дека се работи за седан. Во долниот дел од браникот се забележуваат лажни отвори за воздух во кој се кријат вертикално-поставени рефлективни светла.
Сè на сè, Arrizo 8 изгледа привлечно. Интересно е што нема директни конкуренти – односно оние кои би очекувале да бидат се значително помали од него.
Светла и повикувачка кабина, со Сите Нишани
Ја отвораме вратата и нè пречекува светла, повикувачка кабина. Она кое веднаш се забележува е самоуверениот, премиум пристап на Chery. Се сместуваме во комфорните предни седишта (кои се обвиени во навистина мека имитација на кожа) и веднаш станува јасно дека кинескиот бренд со овој модел оди едно скалило нагоре. Да, седиштата се со загревање и вентилација. Нормално дека се. Имаме само една мала забелешка – би сакале да можеа возачкото и совозачкото седиште да одат уште неколку сантиметри надоле.
Пред возачот е поставен управувачот обвиен во привлечна двобојна комбинација. Зад управувачот се дигиталните инструменти, кои се всушност дел од еден цел голем дигитален панел – пред возачот се дигиталните инструменти, веднаш до нив се и нултимедијалните контроли. Под овој екран се хаптичките контроли за клима-уредот, додека на централниот гребен се поставени безжичен полнач за телефон, рачката од менувачот и уште неколку физички контроли.
Интерејсот е воглавно прегледен и интуитивен. Како што сме кажале и досега – не сме најголеми фанови на целосно-дигиталните интерфејси кои се тренд изминативе години, но вистината е дека брзо и лесно се навикнуваме на нив.
Инаку, во кабината има многу, ама навистина многу простор. За возачот и совозачот нема потреба да „праиме муабет“, но изненадува просторната понуда на задната клупа. Таму е како во седан кој е можеби една класа поголем. А и задните седишта се со загревање.
Изненадува и багажникот. Обично, кај плаг-ин хибридните возила е направен компромис во однос на багажниот простор, но Arrizo 8 импресионира со неговите 450 литри багажен простор.
Ќе беше уште подобро наместо седански поклопец на багажникот да добиевме петта врата заради полесно внесување поголеми предмети, но тоа е тоа. Како и кај повеќето вакви автомобили, носачите на поклопецот навлегуваат во багажниот простор кога го затвораме, па ќе треба малку повнимателно да се реди товарот.
Седаните се вистинскиот начин за патување
А како е зад управувачот? Комфорно и опуштено. Нека ни простат фановите на разно-разни кросовери и SUV модели, но седаните се вистинскиот начин да се патува. Ниското тежиште и приближеноста да подлогата гарантираат добра динамика и комфорно патување. Суспензијата успева да ги „испегла“ нерамнините од нашите улици и во кабината не се пренесуваат никакви несакани вибрации. Од друга страна, навалувањето во свиоци е успешно контролирано па возачот има доверба во можностите на Arrizo 8.
Низ град, Arrizo 8 лесно се снаоѓа благодарение на сите камери и сензори кои се дел од опремата. Паркирањето и маневрирањето е лесно, а движењето на струја е комфорно и некако… Достоинствено! На отворен пат, Arrizo 8 лесно се впушта во улогата на комфорен и тивок сопатник. Сè додека (малку позначително, wink-wink, nudge-nudge) не ги надминете ограничувањата, во кабината е мирно и тивко.
Океј, спортски седан ова не е, но сепак се препознава дека Arrizo 8 се обидува да биде повеќе од само Доволно Добар во сите ситуации и го влече максимумот од платформата.
Технологиите, дизајнот, комфорот… Сè е максимумот од Chery!
И всушност, тоа нè носи до заклучокот. Arrizo 8 е дизајниран и развиен да го извлече максимумот од Chery. Да извлече и дизајн, и максимална просторност, и максимален комфор, но и максимална ефикасност. Или максимална моќ, зависи што сакате во моментот. Одлучете самите. ;)
Спецификации
| Модел: | Chery Arrizo 8 Plug-In Hybrid Noble |
| Погон: | 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри Електромотор + Батерија 18.3 kWh |
| Моќност: | МВС: 143 коњски сили ЕМ: 204 коњски сили Системски: 278 коњски сили |
| Вртежен Момент: | МВС: 215 Nm / 1500 вртежи во минута ЕМ: 310 Nm Системски: 365 Nm |
| Менувач: | Автоматски, 1 брзинa |
| Забрзување 0-100 км/ч: | 7.8 секунди |
| Максимална Брзина: | 185 километри на час |
| Должина: | 4757 mm |
| Ширина: | 1832 mm (без странични ретровизори) |
| Висина: | 1469 mm |
| Тежина: | 1423 килограми |
| Меѓуоскино Растојание: | 2770 mm |
| Багажен Простор: | 450 |
| Потрошувачка: | 0 литри на 100 километри (измерена, градска, со полна батерија) ~18 kWh / 100 километри |
| Цена на основниот модел: | Chery Arrizo 8 1.6 T-GDI 7DCT COMFORT – 23.900 Евра |
| Цена на тестираниот модел: | Chery Arrizo 8 Plug-In Hybrid Noble – 34.900 Евра |
| Повеќе Информации: | CheryAuto.mk |































































