Lexus подготвува нов LFA – и треба да знаете две многу важни работи. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Lexus подготвува нов LFA – и треба да знаете две многу важни работи.

Lexus LFA Concept е како што и името кажува – концепт. Концепт кој ја дели платформата со Toyota GR GT, но не и нејзиниот мотор.

Кога пред (сега веќе) многу години Lexus го лансираше LFA, на купувачите им требаше време да го препознаат автомобилот за она што навистина е – врвно автомобилско инженерство и незауздано поместување на границите. Она кое Lexus го најавува со новиот LFA Concept ветува дека повторно ќе го направи тоа – но на поинаков начин.

Значи, кои две работи треба да ги знаете? Првата е онаа дека LFA Concept ја дели платформата со Toyota GR GT. А тоа е автомобил кој е скоро готов и кој би требало да се појави на пазарот во следните година-две. Втората работа која треба да ја знаете е дека не го дели истиот твин-турбо V8. Lexus LFA Concept е – подгответе се – електричен!

Од Lexus кажуваат дека „името LFA не е врзано за возила придвижувани од мотор со внатрешно согорување, туку симболизира возило кое ги отелотворува технологиите кои инженерите на нивното време треба да ги зачуваат и да ги предадат на следните генерации“. Интересно.

Сепак, сега за сега инженерите не објавуваат никакви информации околу електричниот погон. Па во меѓувреме, можеме да зборуваме само да дизајнот – и LFA Concept едноставно изгледа спектакуларно. Ниската фигура и доооолгиот профил сугерираат дека зборуваме за сериозен спортски автомобил, а луксузниот ентериер е директно од кујната на Lexus – напреден, но истовремено воздржан и безвременски.

И кога можеме да очекуваме да пристигне на пазарот? Немаме официјална прогноза, но би очекувале да се појави во некое слично време со Toyota GR GT. А тоа би значело некаде кон крајот на 2027 или почетокот на 2028.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.