Веќе знаеме дека Audi влегува во Формула 1 – а сега германците го претставија концептот R26 со кој го најавуваат дизајнот на новиот тркачки болид чија премиера е закажана за Јануари.
Интересно, концептот на Audi ја следи истата дизајнерска насока како и спектакуларниот Concept C кој германскиот бренд го претстави пред саемот во Минхен. Според Audi, R26 добива „минималистички графички површини, дефинирани од прецизни геометриски исечоци кои се интегрираат со тркачката геометрија на болидот“.
Предниот дел е во боја на титанум, додека задниот дел е во карбон. Транзицијата од титаниум во карбон е во препознатливата црвена боја на Audi, која ја има и на неколку други места.
Инаку, германците се навистина сериозни околу нивниот влез во Формула 1. Според изјавите, Ф1 e „стратешки знаменосец кој го отсликува технолошкото, културолошкото и претприемачкото пренасочување на брендот“. За тимот ќе возат Nico Hülkenberg и Gabriel Bortoleto – комбинација од искуство и младост, според Audi.
Audi работи на погонот веќе неколку години. Погонот вклучува 1.6-литарски V6 со турбополнач, систем за рекуперација на енергијата, електромотор и 8-брзински менувач. Сето ова овозможува максимална, комбинирана моќност од околу 1020 коњски сили.
Извршниот директор на Audi, Gernot Döllnerе гордо изјави дека „со влегување во самиот врв на моторспортот, Audi прави јасна и амбициозна изјава. Ова е следното поглавје ов обновувањето на компанијата бидејќи F1 ќе биде катализаторот за промени кон поефикасен, побрз и поиновативен Audi.“
Истовремено, тој најави дека тимот има амбиции да биде сериозен кандидат за шампионската титула веќе во 2030. Со оглед на тоа дека тоа и не е толку далеку – храбро, храбро!



















