Чекај, чекај, чекај… Ова е следната Corolla? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Чекај, чекај, чекај… Ова е следната Corolla?

Toyota го искористи домашното Japan Mobility Show да направи неколку важни објави, но најверојатно најважната доаѓа во форма на радикална нова Corolla!

Океј, океј, ова е само концепт. Но сепак, концептот ја најавува следната генерација на најпродаваниот модел на Toyota (и воедно и најпродаваниот модел на светот). Она кое веднаш го забележуваме е радикалниот стајлинг, а Toyota најавува и неколку различни погонски опции.

Интересно, концептот доаѓа од европското дизајнерско студио на Toyota, лоцирано во Ница, Франција. Концептот е дел од нова кампања на јапонскиот гигант која се вика „To You, Toyota“. Дизајнот е остар, со чисти и модерни линии и пропорции кои повеќе одговараат на спортски автомобил. Дали со ова Toyota најавува нова дизајнерска насока? Па со оглед на комплетноста на дизајнот, би рекле дека токму ова е следната дизајнерска филозофија на јапонскиот гигант.

Подеднакво радикално е и во кабината. Арматурната табла е чиста, но со интересни засебни дигитални панели за возачот и совозачот. Кабината добива и футуристички седишта а се препознава и минималистички пристап. Сигурни сме дека ова нема да го видиме во сериско производство, но интересно е да се види во која насока размислуваат дизајнерките на Toyota.

Сега за сега немаме конкретни информации околу погонските опции на новата Corolla, но Toyota потврди дека ќе остане верна на различните опции. Во превод, тоа значи дека можеме да очекуваме и целосно-електрична верзија, но и хибридна и плаг-ин хибридна варијанта. Не исклучуваме ниту верзија со конвенционален бензински мотор за некои пазари, но сепак, токму кон оваа опција гледаме со највеќе скепса.

Е сега, кога ќе ја видиме новата Corolla? Па со оглед на тоа дека тековната генерација е на пазарот од 2018 и веќе помина низ едно освежување, не би биле изненадени доколку новата Corolla биде претставена и пристигне следната година.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.