ТЕСТ: MINI Cooper C – Картинг со каросерија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: MINI Cooper C – Картинг со каросерија!

Со лансирањето на најновата генерација, MINI малку ја смени номенклатурата на моделите. Но и понатаму малиот Cooper е еден од најзабавните мали автомобили за возење.

Неретко се случува да слушнеме (па и самите да кажеме) дека некој автомобил е како картинг. Но што кога некој автомобил е навистина како мал картинг, само во случајот на MINI Cooper C – со додадена каросерија?

И да, со новата генерација малиот хечбек го носи името MINI Cooper C. Да, тука е и верзијата со пет врати за оние кои сакаат нешто со нијанса повеќе практичност но за нас вистинското MINI секогаш ќе биде она најмалото, со три врати. И најновото Mini со три врати верно ги следи гените на брендот, изградени низ години и години внимателна спортска еволуција, своевремено започната на рели-делниците околу Монако.

1.5-литарски турбо-бензинец и автоматски менувач

Под предниот поклопец се крие 1.5-литарски трубо-бензинец со три цилиндри кој испорачува одлични 156 коњски сили и 230 Nm вртежен момент, кои се пренесуваат кон предните тркала преку Steptronic автоматски менувач со двојна спојка. И ако тоа не делува како да е многу, да напоменеме дека Mini Cooper C тежи само 1260 килограми, па забрзувањето до 100 километри на час трае само 7.7 секунди, додека максималната брзина е 225 километри на час.

И би рекле дека овој мотор е вистински полн погодок за MINI. Да, да, во ред, тука е Mini Cooper S со неговиот 2-литарски турбо-бензинец со 204 коњски сили (кој е и стотина килограми потежок), но малиот 3-цилиндерски турбо-бензинец во Cooper C може да се пофали со засебен, малку хиперактивен карактер кој пак одлично му прилега на малиот автомобил. Плус, не е ни нешто особено жеден – за време на неколкудневното дружење (и не баш најцивилизираното возење) измеривме просечна потрошувачка од околу 8 литри на 100 изминати километри.

Поврзано:  MINI JCW X Deus Ex Machina е колаборација која не ја очекувавме, ама...

Џебна ракета!

Но доста за тоа, ајде да зборуваме за најважното – како е зад управувачот. Насочете го Cooper C кон свиоци и тој ќе ги покаже своите вистински таленти. Притиснете ја силно десната педала и Cooper C забрзува со нескриен ентузијазам, а управувањето (иако електрично и без премногу фидбек) е директно, брзо и супер-прецизно. Во свиок се чувствува како внатрешната предна гума силно гриза за да извлече максимална тракција, додека каросеријата останува цврста и скоро и да нема никакво навалување. Подуправувањето е одлично контролирано а со отпуштање на педалата за гас се добива и контролиран таканаречен lift-off oversteer.

Всушност, ова е еден од оние автомобили кои навистина го прават она кое го барате од нив – изберете ја линијата која ја сакате, насочете го управувачот и без разлика на аглите, Cooper C верно ги следи командите. И навистина – баш како картинг. Автомобилот се чувствува лесен и агилен и инсистира да ги туркате лимитите до нови максимуми.

Дали имаме некаква забелешка за искуството зад воланот? Па би сакале да можевме самите да менуваме брзини, но MINI одлучи целосно да го исфрли мануелниот менувач од понудата, а нашиот тестен автомобил немаше ниту лопатки за рачно менување брзини.

Луксузна, супер-модерна кабина

Од друга страна, кабината на Mini Cooper C е навистина посебна – од изборот на материјали, до завршната обработка и вкупниот амбиент – во Mini Cooper C е комфорно, пријатно и… Едноставно, посебно! Спортскиот управувач е идеално димензиониран, се седи ниско (повторно, како во картинг) и седиштата нудат одлична поддршка.

Во кабината главниот фокус оди кон огромниот кружен OLED дисплеј преку кој се контролираат повеќето функционалности, додека веднаш под него е „клучот“ за старт, селекторот за пренос и контролерот за избирање на режим за возење, односно еден од неколкуте различни профили.

Поврзано:  MINI JCW X Deus Ex Machina е колаборација која не ја очекувавме, ама...

Нашиот избор? Go-Kart, секако. Со едно мрдање на прекинувачот нагоре се вклучува Go-Kart режимот и Cooper C го нуди најдоброто од себе. Штета што мора на секое стартување да го активираме одново… Не дека е тешко, да не се разбереме погрешно, туку едноставно – сите други режими се (во нашите очи) непотребни.

И да, тука ќе бидат оние кои ќе забележат на (релативно) малиот багажен простор и ограничениот простор на задната клупа а ние на тоа ќе одговориме… Бла, бла, бла. Во суштина – неважно. Ова е Mini Cooper – автомобил каде многу поважен се карактерот, шармот и забавата. А тука се мерат во тони и никој не може да остане рамнодушен – ниту на дизајнот, ниту на бојата, ниту пак на журката зад управувачот. Ќе ни недостастуваат ваквите автомобили кога ќе ги нема.

Заклучок? Go-Kart режимот треба да е „по дифолт“ бидејќи Cooper C навистина е картинг со каросерија!

И тоа е тоа. Би можеле да потрошиме уште страници и страници (односно, мегабајти и мегабајти) на Mini Cooper C, но најважното го кажавме. Ова не е обичен автомобил, бидејќи ниту еден MINI никогаш не бил обичен автомобил. Ова е сржта на Mini која верно го следи оригиналот од пред неколку декади. Да, малку е поголем, и да, малку е потежок – но пргавиот дух е непроменет, а гените извојувани на рели-трките се препознаваат. Ова не е само автомобил, тркачка кацига треба да биде дел од стандардната опрема – ова е картинг со каросерија!

Спецификации

Модел: MINI Cooper C
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 3 цилиндри
Моќност: 156 коњски сили / 4900 вртежи во минута
Вртежен Момент: 230 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 7 брзини Steptronic со двојна спојка
Забрзување 0-100 км/ч: 7.7 секунди
Максимална Брзина: 225 километри на час
Должина: 3876 mm
Ширина: 1970 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1432 mm
Тежина: 1260 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2495 mm
Багажен Простор: 210 – 725 литри
Потрошувачка: 8.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Mini Cooper C – 33.190 Евра
Цена на тестираниот модел: Mini Cooper C – 43.721 Евра
Повеќе Информации: MINI.com.mk
Поврзано:  MINI JCW X Deus Ex Machina е колаборација која не ја очекувавме, ама...

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.