Citroën не покани на Мајорка да седнеме зад управувачот на новиот знаменосец на брендот – големиот C5 Aircross.
Со новиот C5 Aircross, Citroën прави вистински чекор од седум милји (или 11.2 километри по „нашки“). А зошто? Па вистината е дека изминативе неколку години, францускиот бренд како одново да се пронајде себеси. И тоа се гледа – и во храбрите дизајнерски насоки, и во новите технологии, но и во храбрите одлуки да се напуштат некои досегашни насоки. Но во својата срж, Citroën останува Citroën – и тоа најдобро се гледа токму кај C5 Aircross.
Чекај, чекај. Колку е нов овој C5 Aircross?
Новиот C5 Aircross е првиот модел на Citroën базиран врз STLA Medium платформата на Stellantis. И Citroen одлучи да ја искористи шансата до максимум и го растегна новиот C5 Aircross… До максимум! Уште при првиот контакт, новиот SUV изгледа значително поголем од моделот кој го заменува – и е! Меѓуоскиното растојание е зголемено за 6 сантиметри, но целиот автомобил е подолг цели 15 сантиметри.
Ретко се случува серискиот автомобил толку многу да личи на концептот.
Истовремено, дизајнерите на Citroën посветиле многу, многу време на дизајнот. А и некако успеале (скоро целосно) да го задржат дизајнот на концептот кој Citroën го покажа (чиста случајност) пред точно една година. Дизајнерските насоки се оние кои дебитираа кај новите C3 и C3 Aircross, но пристапот тука е турнат „до максимум“.
На предниот дел вниманието веднаш оди кон новиот светлосен потпис на Citroën со силните и нагласени дневни светла и самоуверената предна маска.
Профилот е изненадувачки комлексен, со исфрлени и мускулести крила и извајани (и отсечени) површини. Двобојната каросерија дополнително ја нагласува самоувереноста на новиот C5 Aircross, а кровот во контрастна црна боја само ја дополнува оваа карактерна особина.
На задниот дел повторно храбри (па и карактеристично за Citroën – налудничави) детали. Конкретно – задните светла. Светлата изгледаат како да се интегрирани во задното стакло, но истовремено се и исфрлени од габаритот на автомобилот. Секако, го носат препознатливиот светлосен потпис на Citroën – но повторно, во уште поекстремна конфигурација.
Внатре е како во дневна соба.
Одиме внатре! Ја отвораме широката возачка врата и нè пречекува кабина која е уште еден огромен чекор за Citroën. Првото кое го забележуваме се огромните, „фотелјести“ предни седишта. И комфорни се баш како што изгледаат – се сместуваме во нив и чувството во кабината на C5 Aircross е како во.. Во дневна соба. Особено ни се допаѓа светлата конфигурација – едноставно, изгледа привлечно, комфорно и… Како дома!
Всушност, луѓето од Citroën се особено горди на ентериерот на новиот C5 Aircross. И тоа не само поради рекордната просторна понуда, туку и поради интересните, несекојдневни решенија, храбриот избор на материјали, па и несекојдневните решенија. На пример, во C5 Aircross се вградува најголемиот екран досега вграден во продукт на Stellantis. Да, имало екран со поголема „дијагонала“, но екранот во C5 Aircross е со најголема корисна површина.
Сакате друг пример? Па, на пример, тука се несекојдневно поставените звучници. Или пак тркалцето за аудио-системот кое го носи „шевронот“ на Citroën. И колку повеќе се загледуваме, толку повеќе забележуваме такви интересни моменти.
Инаку, има навистина многу простор – особено на задната клупа. Патниците ќе патуваат комфорно и кон подалечни дестинации, а ќе уживаат и во огромниот стаклен кров. Уште еден важен момент – без разлика на погонот кој ќе го одберете, ќе добиете багажник со огромен капацитет од дури 565 литри, односно 1668 литри со преклопена задна клупа.
А погонот?
Е сега, а кога сме кај погонот – со каков погон ќе може да се добие новиот C5 Aircross? На самиот старт ќе се нуди хибрид со 145 коњски сили, плаг-ин хибрид со 195 коњски сили и целосно-електричен со 210 или 230 коњски сили. Ние имавме можност да пробаме две различни верзии, односно да седнеме зад управувачот на целосно-електричниот и плаг-ин хибридниот C5 Aircross.
Прво седнавме зад управувачот на целосно-електричниот C5 Aircross во Long Range варијанта. Оваа конфигурација добива огромна батерија со капацитет од 97 kWh, која овозможува максимална автономија до 680 километри (во идеални услови, секако) и електромотор кој нуди одлични 230 коњски сили и 345 Nm вртежен момент. Сето ова значи забрзување до 100 километри на час за 8.9 секунди и максимални 170 километри на час. Но вистината е дека во сите услови на возење, електричниот C5 Aircross се однесува повеќе од доволно брз, а притоа максимален фокус е даден кон комфорот.
Сме рекле и порано – и ќе го повториме тоа и сега – возењето на струја му одговара на Citroën. Смиреноста и спокојот кои доаѓаат со возењето на струја едноставно се поклопуваат со етосот на францускиот бренд. Целосното отсуство на вибрации овозможува уште повеќе комфор и уште повеќе… Раат!
Од таму, одиме во плаг-ин хибридниот C5 Aircross. Ова е нов погон кој комбинира нов 1.6-литарски турбо-бензинец кој испорачува 150 коњски сили со електромотор кој овозможува дополнителни 125 коњски сили, за вкупна системска моќност од 195 коњски сили и 300 Nm вртежен момент. Електромоторот се напојува од батерија со капацитет од 21 kWh, што пак овозможува да поминеме повеќе од 100 километри пред воопшто да се вклучи бензинецот. А вкупната автономија е повеќе од 1000 километри!
И всушност, токму оваа изведба е некако… Најрационална. Сите бенефити од секојдневно возење на струја (ајде да бидеме искрени, кој поминува повеќе од 100 километри на ден?), а спокојот на мотор со внатрешно согорување ако треба да го напуштиме градот и да не мислиме дали ќе најдеме полнач, колку време ќе изгубиме во полнење, итн, итн, итн…
Но повторно, комфор е клучниот збор
Но без разлика на погонот, клучниот збор тука повторно е комфор. C5 Aircross лебди над асфалтот, дури и на огромните 20-инчни тркала кои за прв пат се вградуваат во Citroën. И тука се препознава мајсторлукот на французите, бидејќи како само тие да знаат да направат нешто вакво. Кај повеќето други брендови, ваквото ниво на софистицираност или едноставно не е достапно, или е резервирано за брендови и модели кои се многу, многу, многу (многу-многу!) поскапи.
И всушност… Првите впечатоци се токму во таа насока. Citroën прави демократизација на свој начин. Демократизација на технологиите, демократизација на практичноста… Но уште поважно во нашите очи – демократизација на комфорот. Tres bien!


























































