Освежениот Tonale добива подинамичен и поекспресивен дизајн, надградена кабина и освежени погонски единици.
Alfa Romeo го освежи Tonale – и веднаш се забележуваат измените. Предниот дел добива редизајниран браник и редизајнирано Scudetto кое според Alfa Romeo влече инспирација од спектакуларниот 33 Stradale и незаменливата GT 2000. Браникот е поагресивен и со поголеми отвори за воздух.
Интересно, Tonale добива и пошироки преден и заден траг, што би требало да влијае на динамичноста, но дефинитивно изгледа поагресивно и посамоуверено. Tonale добива и редизајнирани тркала и нови значки, а достапни се и нови бои – Rosso Brera, Verde Monza и Giallo Ocra.
Во кабината нема драстични измени (бидејќи Tonale веќе беше еден од технолошките лидери во сегментот) но според Alfa Romeo, добиваме унапредени материјали, нови бои и нови финиши на некои површини.
За прв пат е достапна и црвена кожа и сигурни сме дека изгледа одлично. Друг новитет е и новиот селектор за менувачот – веќе ја нема конвенционалната рачка, која сега е заменета со ротирачки селектор за преносот.
На европските купувачи ќе им бидат достапни неколку различни погонски опции. Понудата започнува со Ibrida, која добива 1.5-литарски хибриден турбо-бензинец развиен специјално за Tonale, кој преку 7-степен автоматски менувач со двојна спојка кон предните тркала испорачува 175 коњски сили. Понатаму, тука е и плаг-ин хибридната варијанта која кон сите четири тркала испорачува вкупно 270 коњски сили.
За оние кои сакаат нешто поконвенционално, Tonale ќе се нуди и со 1.6-литарски турбодизел со 130 коњски сили и 6-степен автоматски менувач со двојна спојка.





















