ТЕСТ: BMW X3 xdrive20d M Sport – Дали е ова најдобриот SUV од BMW? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: BMW X3 xdrive20d M Sport – Дали е ова најдобриот SUV од BMW?

Седнавме зад управувачот на новиот BMW X3 и ќе се обидеме да одговориме на едно многу важно прашање – дали ни треба повеќе?

Многупати (и во муабет) и тука на нашите страници зборуваме за „Златната Средина“. Она што не е ни мало ни големо, ни недоволно моќно, ниту пак премногу моќно. И многупати доаѓаме до заклучок дека не е лесно да се погоди таа златна средина, но и дека многупати златната средина не е баш она кое очекуваме дека е.

Денес ќе зборуваме за новиот X3 – модел кој „според бројките“ до пред неколку години беше токму во средината на X-понудата на BMW. Најмалиот беше X1, средниот беше X3, најголеиот беше X5. Кога на пазарот пристигна X7 малку ја наруши таа идеална рамнотежа, но да не бидеме математичари…

И ова не е наш прв контакт со новиот X3. Тоа се случи лани на интернационалната презентација на германскиот SUV која нè однесе од Германија до Австрија. Тогаш го возевме X3 на идеалните германски и австриски патишта и имавме можност да пробаме две верзии – една порационална, опремена со турбо-бензинец, и врвната X3 M50 конфигурација со 3-литарски турбо-бензинец со шест цилиндри во линија и безмалку 400 коњски сили.

На домашен терен со докажаниот турбодизел

На домашен терен повторно возиме нешто рационално, но во суштина – ова е најважната конфигурација на X3 на нашиот пазар. Под предниот поклопец се наоѓа одличниот 2-литарски турбодизел на BMW кој благодарение на лајт-хибридната компонента испорачува вкупно 197 коњски сили и одлични 400 Nm вртежен момент. Силата се испорачува кон сите четири тркала преку 8-степен автоматски менувач и xDrive, а сето тоа значи дека X3 забрзува до 100 километри на час за одлични 7.7 секунди и достигнува максимални 215 километри на час.

Поврзано:  Вечерно кино: Електричниот BMW М3 испушта звуци од вистински мотори

Истовремено, хибридниот систем може да биде и супер-ефикасен. За време на неколкудневното дружење со големиот X3, евидентиравме просечна потрошувачка од едвај 7 литри на 100 изминати километри – импресивно, со оглед на димензиите и перформансите.

Храбар, монолитски дизајн

Инаку, дизајнот на новиот X3 е навистина интересен. При прв контакт, делува агресивно и самоуверено, а дури потоа ги препознаваме и започнуваме да ги цениме зрелите и храбри дизајнерски одлуки.

Самата форма наметнува динамичен став и X3 изгледа подготвено да се движи. Монолитскиот пристап наметнува чисти, јасни линии и самоуверена форма. На предниот дел вниманието оди кон заострените и визуелно намалени предни светла, како и осветлената предна решетка.

Профилот е покласичен и препознатлив за SUV, додека на задниот дел фокусот е воглавно кон конкавната линија на петтата врата и големите, хоризонтално-поставени задни светла.

Кабина со препознатливи BMW нијанси

Слично е и во кабината – малку контроверзно на прв поглед, но всушност навистина практично и комфорно, и сè тоа во духот на BMW.

Кабината ги добива сите нови технолошки решенија на баварскиот бренд, а главниот збор го има огромниот закривен дисплеј кој го сочинуваат два засебни екрани, едниот со дијагонала од 12.7 инчи, вториот со дијагонала од 14.9 инчи. Задолжен за сето тоа е BMW OS кој е базиран на Android. Согласно трендовите, кон повеќето функционалности се пристапува преку централно-поставениот 14.9-инчен екран. Сепак, интерфејсот е релативно интуитивен и лесен за учење, а BMW одлучиле да го задржат централно-поставениот ротирачки контролер.

Инаку, немаме скоро никаква забелешка на ентериерот. Во кабината е комфорно, пријатно и прегледно. Седиштата се обвиени во Veganza имитација на кожа и нудат одлична поддршка дури и во поостри свиоци. На оние кои ќе забележат на „вештачката кожа“, ќе им препорачаме само да „претрчаат“ до салонот на BMW и самите да се уверат во квалитетот.

Поврзано:  BMW и MINI празнично ја заокружуваат јубилејната понуда

И всушност, од BMW и очекуваме одлични седишта. А во X3 се седи изненадувачки ниско, а со ова баварците суптилно потенцираат дека тука зборуваме за SUV кој може да понуди и уживање во возењето.

Под централниот дисплеј е поставен полначот за мобилен телефон, додека на централниот гребен меѓу возачот и совозачот е  поставен панел со „тркалцето“ за контролирање на инфозабавниот систем, старт-стоп копчето и прекинувачот за менувачт, како и уште неколку кратенки.

Немаме забелешки на амбиентот во X3. Амбиенталното осветлување е одлично (иако под одредени агли ноќе се рефлектира на стаклените површини), финалната обработка е одлична, а повеќето површини се обвиени со квалитетни и скапи материјали, или пак квалитени пластики.

Има навистина многу простор и на задната клупа, дури и за повисоки патници, а багажникот е со капацитет од одлични 570, односно дури 1700 литри ако ја преклопите задната клупа.

Зад управувачот е.. Како во BMW!

А зад управувачот? Па би рекле, карактеристично за BMW. Во нормалниот режим на работа, X3 одлично ја игра улогата на комфорен и тивок секојдневен семеен транспортер. Но префрлете во Sport и X3 (дури и во оваа „цивилна“ верзија) се трансформира во SUV кај кого се препознаваат гените на BMW. Управувањето е изненадувачки директно и веднаш се препознава дека повеќето сила и вртежен момент одат кон задните тркала, а големиот SUV остро и прецизно ја менува насоката на движење.

Ова се должи на одличното подвозје и внимателната работа на инженерите на BMW. Се чувствува дека тежината е поставена ниско, а управувањето успева да пренесе доволно информации од подлогата за да биде комуникативно и да знаете што прават тркалата.

Поврзано:  BMW полека но сигурно го најавува првиот електричен M-автомобил

Од друга страна, кога работите се смирени – навистина се смирени. Адаптивната суспензија успева да биде навистина комфорна и да ги исфилтрира сите нерамнини, а во X3 е тивко и мирно, дури и при автопатски брзини.

И сега, дали е ова најдобриот SUV од BMW?

И добро, ајде, дали е ова најдобриот SUV од BMW? Па искрено, би рекле дека има некаква логика. Со оглед на димензиите (овој X3 е подолг и поширок од првиот X5), би рекле дека X3 е повеќе од доволно голем за скоро сите потреби. Има доволно простор, огромен багажник, еден куп технологи, итн, итн, итн. Погонот изберете го самите, имате неколку различни опции – и во суштина… Тоа е тоа. Навистина се ретки оние на кои им е потребен поголем SUV. Златна средина? Би рекле да, апсолутно. Најдобриот SUV од BMW? Па… Има тука нешто.

Спецификации

Модел: BMW X3 xdrive20d M-Sport
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри, MHEV
Моќност: 197 коњски сили / 4000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 400 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски Steptronic со двојна спојка, 8 брзини
0-100 км/ч: 7.7 секунди
Максимална Брзина: 215 километри на час
Должина: 4755 mm
Ширина: 2132 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1660 mm
Тежина: 1890 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2865 mm
Багажен Простор: 570 – 1700 литри
Потрошувачка: 7.2 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: BMW X3 20 – 68.220 Евра
Цена на тестираниот модел: BMW X3 xDrive 20d M-Sport  – 74.200 Евра
Дополнителна опрема – 19.049 Евра
Вкупна цена: 93.249 Евра
Повеќе Информации: BMW.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.