Audi ја комплетираше понудата на новиот Q3 со новата Sportback варијанта.
Откако неодамна го претстави новиот Q3, Audi ја прошири понудата со новиот, подинамичен Q3 Sportback. Купеовската форма на Q3 Sportback е заострена и уште понагласена, а од Audi кажуваат дека дизајнерите ги избегнале кровните носачи за да се нагласи спортскиот став. Инаку, тука се широките OLED задни светла и спортскиот заден браник кои се препознатлив дизајнерски потпис на новата генерација на германскиот SUV.
Кабината е идентична како кај Q3, што е и очекувано. Пред возачот има 11.9-инчен дигитален панел со инструменти, додека на средината на конзолата е поставен огромен 12.8-инчен дисплеј наменет за инфозабавните функционалности.
MQB EVO платформата овозможува широка гама на погонски опции – па Q3 Sportback (исто како и обичниот Q3) може да се добие со еден од многуте различни мотори. Основната варијанта доаѓа со 1.5-литарскиот TSI со 150 коњски сили, а врвниот 2-литарски TFSI може да се добие во конфигурација со 204 или 265 коњски сили. Единствениот турбодизел во понудата е 2-литарскиот TDI кој нуди 150 коњски сили, додека на самиот врв на понудата е плаг-ин хибридот со вкупно 272 коњски сили, кој може да помине скоро 120 километри на струја.
Со оглед на тоа дека Q3 е најпопуларниот модел во понудата на Audi, германскиот бренд одлучи дека покрај производството во Гјор, Унгарија, ќе стартува дополнителни линии во Инголштад, Германија. Каросериите кои ќе излезат од фабриката во Инголштад всушност ќе бидат произведени во Гјор, а потоа ќе одат на фарбање и комплетирање во Германија.