Големиот плаг-ин хибриден SUV на Lynk & Co добива голема батерија со капацитет од 40 kWh за да може да помине 200 километри на струја пред воопшто да треба да се вклучи бензинецот.
Lynk & Co 08 е поставен на CMA Evo платформта – темелно ревидирана верзија на CMA архитектурата, за да може идеално да ги задоволи потребите на големиот SUV и неговиот напреден погон. А погонот комбинира 1.5-литарски турбо-бензинец кој испорачува 137 коњски сили со електромотор кој испорачува 208 коњски сили, за вкупна системска моќност од 345 коњски сили и скоро 600 Nm вртежен момент.
Но она што е особено интересно за 08 е пристапот – тој добива огромна батерија со капацитет од 39.6 kWh, кои пак овозможуваат автономија на струја до 200 километри, а благодарение на големиот резервоар за бензин со капацитет од 60 литри, очекуваме вкупната автономија лесно да надмине 1000 километри.
Истовремено, бидејќи 08 има можност за брзо DC полнење, батериите се полнат од 10 до 80% за 33 минути. На AC полнење со моќност од 11 kW, полнењето би траело околу 4 часа.
Инаку, 08 е вистински технолошки шоукејс. Во кабината има голем 15.4-инчен самоносечки екран, како и 12.3-инчен панел за инструментите. Во Европа, добива софтвер кој е прилагоден за европските купувачи и е сличен на софтверот кој го видовме неодамна во Lynk & C0 02, а и во фејслифтираниот 01.
А 08 е навистина голем SUV. Долг е 4.8 метри и барем на прв контакт, ветува многу простор и вистинско премиум искуство. Секако, наскоро ќе пристигне и кај нас на тестирање, а во меѓувреме можете да ја посетите официјалната веб-страница на Lynk & Co, или пак да го посетите салонот на Lynk & Co во Скопје.























