Ford одлучи сепак да го зголеми европското портфолио на автомобили – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Ford одлучи сепак да го зголеми европското портфолио на автомобили

Синиот овал веќе со години ја крати својата понуда во Европа, но сега главниот извршен директор бутка кон повторно стартување на развојот на нови модели.

Веќе неколку години Ford е во фаза на трансформација, а директен резултат на тоа е „пензионирањето“ на имиња кои навистина значат многу за брендот. Ford веќе ги пензионираше Mondeo и безвременската Fiesta, а за Ноември годинава е најавен крајот на производството на Focus. Ваквите чекори на Ford не само што ги разочараа долгогодишните фанови на овие модели, туку и оставија прилично голема празнина кај дилерите на брендот, кои веќе некое време инсистираат да добијат наследници на овие супер-популарни модели.

Според некои гласини, главниот извршен директор на Ford – Jim Farley – сака да го рестартира развојот на патнички возила, специфично наменети за европскиот пазар. Според германскиот Automobilwoche, оваа насока веќе била објавена за време на видео-повик со различни дилери на Ford од Европа, а на повикот биле присутни и директорите на Ford во Германија, Австрија и Швајцарија.

Океј, но што точно значи ова? Па сега за сега не знаеме ништо – но според еден од присутните дилери, овие вести се „големо олеснување“. Истиот дилер напоменал дека на Ford му требаат и други нови модели, а не само електрични возила. Ова е интересно стратешко поместување, со оглед на тоа дека Ford веќе неколку години интензивно работи на развој на нови електрични модели, делумно во соработка со Volkswagen. Дали оваа соработка ќе продолжи и дали и новите модели на Ford ќе бидат изградени врз платформа на Volkswagen, останува да видиме – но навистина се надеваме дека ќе добиеме нови Fiesta, Focus и Mondeo.

Истовремено, комерцијалната дивизија на Ford работи одлично. Комерцијалните возила на Ford се продаваат одлично во Европа и во моментов имаат учество од дури 20%. Покрај огромниот Ranger и легендарниот Transit, Ford нуди уште неколку комерцијални возила во различни големини, а нуди и практични „цивилни“ верзии кои се навистина популарни кај купувачите.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.