Суфиксот S кај Vantage значи надграден 4-литарски твин-турбо V8, дискретни естетски измени и внимателни механички корекции за уште повеќе секојдневно уживање.
Фокусот на Vantage S е кон надградениот 4-литарски твин-турбо V8 кој сега испорачува 680 коњски сили и моќни 800 Nm вртежен момент. Вртежниот момент е достапен од 3000 па сè до 6000 вртежи во минута – а тоа пак значи инстантна реакција на секое притискање на десната педала. Дополнително, инженерите поработеле и на одзивот на притискањето на педалата за гас, но и на погонот и менувачот. Launch Control системот овозможува забрзување до 100 километри на час за само 3.4 секунди, 200 километри на час за 10.1 секунда и максимална брзина од 325 километри на час.
Дополнително, внимание е посветено на суспензијата, носачите на моторот и менувачот и софтверот, а сето тоа резултира со зголемена агилност и подобрување на тракцијата, без притоа да се наруши рафинираноста во спортското купе. Дополнително се „чепнати“ и Bilstein DTX адаптивните амортизери.
Визуелно, Vantage S ќе го препознаете по „сечилата“ на поклопецот на моторот, кои можат да бидат во сјајно црна боја или покриени во карбон. Покрај естетска улога, имаат и задача да го олеснат ладењето на моќниот V8. Задниот дел добива спојлер придонесува кон потисната сила на задниот дел, а усовршената аеродинамика под автомобилот го прилепува кон подлогата.
Vantage S добива и засебни 21-инчни тркала, а и многу S-додатоци во кабината. Целата кабина добива специјални S елементи – од материјали, преку везени детали, па сè до карбон и други скапи и скапоцени материјали.
Aston Martin Vantage S ќе дебитира на овогодинешниот Goodwood Фестивал на брзината. Веќе може да се нарача како купе или роудстер, а првите испораки се закажани за последната четвртина од годинава.