И сега, ни треба Меѓународна Возачка Дозвола или не? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

И сега, ни треба Меѓународна Возачка Дозвола или не?

Кои се најновите правила за Меѓународна Возачка Дозвола? Дали ни е потребна или не? Ајде да расчистиме.

Секоја година при почеток на туристичката сезона се поставува истото прашање – дали навистина ни требаат Меѓународните Возачки Дозволи за да имаме право да управуваме со моторно возило во странство?

Решивме да го одговориме ова прашање, и да цитираме со кои држави Република Македонија има склучено договор за взаемно признавање на возачките дозволи. Формата на Меѓународната Возачка Дозвола (МВД) е усогласена на Меѓународната Конвенција за Сообраќај на Патиштата во Виена, во 1968-мата година.

Треба да знаете дека во согласност со правилата, дека доколку Македонија нема договор за взаемно препознавање на возачките дозволи, за да имате право да управувате моторно возило во странство, да изнајмите рент-а-кар возило во странство или пак за во странство да возите возило со тамошни регистарски таблички потребна ви е Меѓународната Возачка Дозвола. Можеби нема да ви ја побараат, но сепак е потребен документ.

Значи, реципрочно признавање и замена на возачки дозволи имаме со:

1. Албанија
2. Босна и Херцеговина
3. Германија
4. Италија
5. Косово
6. Србија
7. Црна Гора
8. Шпанија

Дополнително, врз основа на Виенската Конвенција, националното законодавство и потпишаните договори дозволено е и шест-месечно користење на македонските возачки дозволи во неколку други земји – Чешка, Хрватска, Бугарија, Словенија, Романија, Унгарија, Белгија, Полска, Австрија, Данска, Обединетото Кралство и Северна Ирска.

На веб-страницата на Министерството за Внатрешни Работи пишува дека Грција не врши замена на странска возачка дозвола со грчка и на носителите на македонска возачка дозвола им е потребна Меѓународна Возачка Дозвола.

Всушност, и за сите други држави потребна ни е Меѓународна Возачка Дозвола. Би ве советувале да ги игнорирате рекла-казала муабетите од пријатели и познаници кои „ги застанала полиција таму-и-таму, но Меѓународна Возачка Дозвола не им побарале.“ Тоа навистина може да се случи, но бидејќи според законите сепак ви е потребна возачката дозвола, дали сакате на полицаецот да му дадете уште една потенцијална причина да ве малтретира и да ве казни?



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.