Opel ја збогатува понудата на новиот Grandland со нова целосно-електрична верзија со погон на сите четири трклала, два електромотори и 325 коњски сили!
Grandland Electric AWD доаѓа со литиум-јонска NMC батерија со капацитет од 73 kWh, која според WLTP мерењата овозможува максимална автономија до 501 километар. Но она што е навистина интересно е дека постоечкиот електромотор со 213 коњски сили сега соработува со втор електромотор поставен на задната оска кој испорачува дополнителни 112 коњски сили. Вкупно, тоа значи 325 коњски сили и одлични 509 Nm вртежен момент – достапни (помалку или повеќе) од „нула“.
Системот нуди четири различни режими – Normal, 4WD, Sport и Eco. Во зависност од режимот, системот самиот одбира како ќе работи, но најинтересен е новиот Sport режим кој ја испорачува максималната моќност, а управувањето и останатите системи добиваат специјални нагодувања за подобрување на респонзивноста и спортското чувство зад управувачот. Интересен е и 4WD режимот кој ја подеднакво ја дистрибуира моќноста кон сите тркала, а системите за стабилност и контрола на тракцијата имаат специјални нагодувања за да го подобрат преносот на сила кон подлогата, каква и да е.
Плус, дополнителната моќност значи уште подобри перформанси – спринтот до 100 километри на час трае само 6.1 секунда. Grandland Electric AWD добива и специјални адаптивни амортизери, но и специјални пружини и стабилизатори, како и специјално нагодено управување и систем за контрола на стабилноста.
Grandland Electric AWD ќе го препознаете по специјалните, аеро-оптимизирани браници, но и огромните 20-инчни тркала. Според Opel, Grandland Electric AWD е најаеродинамичниот Grandland модел, со коефициент на отпор на возудхот од 0.278.
Секако, ние веќе добро ги познаваме другите варијанти на Opel Grandland. Електричниот Grandland Electric го возевме на официјалната интернационална презентација во Риселсхајм, а неодамна „на наш терен“ го возевме Grandland со хибриден погон.