Специјалната Frontera Gravel е заедничко дело на дизајнерскиот центар на Opel и тјунерите BlackFish и XS.
Од Opel гордо кажуваат дека овој концепт е подготвен со насоки од автомобилските и офроуд ентузијасти, како и тјунинг специјалистите BlackFish и XS. Frontera Gravel беше покажана на XS CARNIGHT Wörthersee.
Frontera Gravel добива теренски додатоци – Thule Canyon XT кровен куфер, дополнителни LED светла на кровот и на поклопецот на моторот, сајла за влечење, странична кутија и уште неколку ситници. Поставена е на 16-инчни Borbet CWE тркала обвиени во BF Goodrich теренски пневматици.
Каросеријата е обвиена во специјална Desert Stone фолија, а одличен контраст даваат црниот кров и црниот поклопец на моторот. Дополнително, препознаваме портокалови детали на заштитните прагови, страничните ретровизори и на уште неколку места. Слични портокалови детали добиваат и седиштата, а кровот е обвиен во црн материјал.
Frontera Gravel е базирана на Frontera Electric која е со погон на предните тркала. Ние веќе имавме можност да ја возиме Frontera Electric на интернационалната презентација на островот Мајорка минатата година.