Два Volvo новитети во Македонија – големиот XC90 и целосно-електричниот EX90 денес беа покажани пред македонската јавност.
Освежениот XC90 доаѓа со дискретно затегнат дизајн со нови предни и задни светлосни групи, но и технолошко освежување во кабината кое вклучува нов инфозабавен уред со нов оперативен систем. Истовремено, Volvo направи голем исчекор со целосно исфрлање на турбодизелите од понудата и сега XC90 може да се добие со 2-литарски турбо-бензинец со 255 коњски сили кој ја носи ознаката B5, или пак плаг-ин хибридна верзија со 455 коњски сили која ја носи ознаката T8 и може да помине (според официјалните податоци) 70 километри на електрична енергија.
Вториот новитет е целосно-електричниот EX90 за кој од Volvo кажуваат дека не е директна замена за XC90 и не е само „електричен XC90“ туку дека таргетира една сосем поинаква група на купувачи – купувачи кои ги ценат веќе докажаните вредности на Volvo но сакаат посовремена интерпретација и моќен електричен погон.
EX90 може да се добие во неколку конфигурации, а на нашиот пазар ќе бидат достапни две верзии – едната со два електромотори и 408 коњски сили, а втората во Performance изведба со два електромотори и 516 коњски сили. Можете да очекувате автономија од нешто над 600 километри (според WLTP) и во двете изведби.
Со овие два новитети, Volvo (и Volvo Cars Македонија, секако) цели кон целосно отворање на следното поглавје во историјата на брендот. Минатата година го возевме електричниот EX30 и самите се уверивме во неговите квалитети, а со новите знаменосци, Volvo ќе се наметне и ќе се натпреварува во сегмент каде конкуренцијата не е преголема, но е навистина силна. Секако, Volvo во својот агол ги има добро познатите вредности за брендот – шведскиот стил, современите технологии и врвната безбедност.
Цените за XC90 започнуваат од 78.990 за турбо-бензинскиот B5 во Core ниво на опрема и со погон на сите четири тркала. Плаг-ин хибридниот T8 со 455 коњски сили чини од 82.990 Евра. EX90 чини од 92.137 Евра за Twin Plus 7s со 408 коњски сили, односно 97.303 евра за верзијата со 516 коњски сили. Врвниот EX90 Twin Performance Ultra со 516 коњски сили чини од 102.089 Евра. За повеќе, посетете ја официјалната веб-страница на Volvo, или пак салонот на шведскиот бренд во Скопје.