Големиот DFSK 600 се наметнува не само со димензиите, туку и со практичноста, комфорот и технологиите. А и со цената.
Моделите на DFSK (односно Dongfeng, па самите изберете) секогаш се одлично-прифатени на нашите страници. Купувачите во Македонија веќе го знаат и го препознаваат брендот, возилата се веќе редовна глетка на нашите улици, а купувачите се привлечени од интересните дизајни и повеќе-од-прифатливите цени.
Неодамна зборувавме за Dongfeng Mage, новиот голем SUV во понудата на кинексиот бренд во Македонија. Денес ќе зборуваме за модел кој е своевиден наследник на добро-познатиот (и одлично прифатениот) Glory 580, но истовремено наоѓа свое место во хиерархијата на Dongfeng. Значи, време за DFSK 600.
На прв контакт, 600 изгледа огромен
На прв контакт, 600 изгледа огромен. И да, огромен е, а впечатокот за големина дополнително го зајакнуваат релативно правите агли на каросеријата. На предниот дел вниманието оди највеќе кон широката предна маска на ладилникот, но и LED-лентата која ги спојува предните светлосни групи. Профилот е релативно чист и конвенционален за SUV, но извајаните контури во долниот дел од вратите и црните декоративни елементи одржуваат линија на модерност.
На задниот дел вниманието го задржува трендовскиот едноделен светлосен елемент, но ќе додадеме дека ни се допаѓа графиката на задните светла. Ни се допаѓа и големиот заден спојлер, но не ни се допаѓаат лажните завршетоци од издувниот систем. Едноставно не се потребни.
Сè на сè – Dongfeng 600 изгледа прилично ненаметливо и воздржано. И најверојатно – токму таков и треба да биде.
Вистинските супермоќи се во кабината
Вистинските супермоќи на 600 се во кабината. Се препознава значително унапредување на квалитетот и ергономијата во однос на Glory 580. Пред возачот е поставен дигитален инструмент-панел, кој пак е визуелно интегриран во едноделен елемент заедно со инфозабавнот систем. Веднаш под него се отворите за вентилација и физичките кратенки за контролирање на клима-уредот и уште неколку други функционалности.
Самиот систем функционира прилично добро. Да, од време на време се забележува мало доцнење по внесување команди, но не е ништо страшно. Дополнително, би посакале екраните да се и нијанса посветли.
Инаку, лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција. Управувачот се нагодува по височина и длабочина, а големите стаклени површини овозможуваат прилично добра прегледност – нешто што е особено важно, со оглед на димензиите на 600. Околу возачот и совозачот има многу места за складирање ситници, како во централниот гребен, така и во вратите.
Секако, Fengon 600 доаѓа и со еден куп опрема. Тука се 360-степенската камера, камерата која го снима возењето, но и еден куп системи за асистенција. Забележуваме и интересни материјали – покрај неизбежните пластични површини, некои површини се обложени во кожа или во пластика која е имитација на дрво. Со оглед на цената, би рекле дека материјалите се сосем доволно квалитетни.
Слично е и во вториот, а и во третиот ред. Вториот ред е супер-комфорен и просторен, а бидејќи задната клупа е прилагодлива, изненадувачки комфорно може да биде и во третиот ред. Кај повеќето автомобили со три реда седишта, третиот ред е повеќе замислен да се користи инцидентно, но кај Dongfeng 600 има изненадувачки многу простор.
Плус, чувството на просторност го зајакнува и огромниот стаклен кров, кој овозможува многу светлина да влезе во кабината.
Во однос на багажникот – со преклопен трет ред седишта се добива багажен простор. Капацитетот (во зависност од конфигурацијата на седиштата) е од 375 па сè до неверојатни 2215 литри.
Комфорно и лесно зад управувачот
Како е зад управувачот? Би рекле, токму како што и очекувавме. Dongfeng 600 не е замислен да биде спортски SUV, туку е развиен и конструиран да биде практичен, комфорен семеен транспортер. А тоа значи дека примарниот фокус е кон комфорот и лесното управување – и токму тоа и се добива.
Серво-управувачот е лесен, менувачот без никаков приговор си ја работи работата, а 600 и покрај димензиите, лесно се движи. Маневрирањето низ град го олеснуваат сензорите и камерите, додека на автопат лесно го наоѓа своето темпо и крстосува и кон подалечни дестинации.
1.5-литарски турбо-бензинец со 175 коњски сили, автоматски менувач
Задолжен за задвижување на Dongfeng 600 е 1.5-литарски турбо-бензинец кој испорачува 175 коњски сили при 5000 вртежи во минута и 285 Nm од околу 2000 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон предните тркала преку 6-степен автоматски менувач. Во однос на потрошувачката – ако сте внимателни, Dongfeng 600 може да троши околу 9 литри на 100 километри. Во реалноста, очекувајте потрошувачка од околу 10 литри на 100 километри во град, односно околу 8 литри на 100 километри на отворено.
Заклучок? Голем и комфорен SUV
И конечно, каков е впечатокот кој 600 го остава? Ова е голем, комфорен и практичен SUV. Паметното конструирање, особено во контекст на седиштата значи дека сите седишта се всушност корисни и имаат некаква поента. Dongfeng 600 изгледа привлечно, на патот се однесува неутрално и безбедно и нуди одлична вредност за цената – а тоа е нешто што сè поретко можеме да го кажеме за новите автомобили.
Спецификации
Модел: | DFSK Fengon 600 Intelligence CVT |
Мотор: | 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри |
Моќност: | 175 коњски сили / 5200 вртежи во минута |
Вртежен Момент: | 285 Nm / 2000 вртежи во минута |
Менувач: | Автоматски, 6 брзини |
0-100 км/ч: | ~10 секунди |
Максимална Брзина: | 180 километри на час |
Должина: | 4720 mm |
Ширина: | 1865 mm (без странични ретровизори) |
Висина: | 1710 mm |
Тежина: | 1665 килограми |
Меѓуоскино Растојание: | 2785 mm |
Багажен Простор: | 375 – 2215 литри |
Потрошувачка: | 10 литри на 100 километри (измерена, градска) |
Цена на основниот модел: | DFSK Fengon 600 Intelligence CVT – 29.990 Евра |
Цена на тестираниот модел: | DFSK Fengon 600 Intelligence CVT – 29.990 Евра НАПОМЕНА: Во моментот на објавување на овој тест, DFSK 600 се нуди по акциска цена од 27.900 Евра |
Гаранција: | 7 години |
Повеќе Информации: | Dongfeng Македонија |