Откако се појавија протечени фотографии, Jeep во целост го претстави новиот Compass и ние ги имаме сите детали!
Како еден од американските брендови во портфолиото на Stellantis, Jeep има интересна и тешка задача – а тоа е да го пренесе американскиот дух на сите пазари каде се продава. И најголем удел во таа амбиција има токму Compass кој со новата генерација ќе стане глобално најприсутен модел во историјата на легендарниот бренд.
Како што веќе знаеме (и кажавме), Compass е поставен на STLA Medium платформата и нуди ефикасни електрифицирани погони – од лајт хибриден, преку плаг-ин хибриден па сè до моќен целосно-електричен погон. На самото лансирање во Европа, Compass ќе се нуди со хибриден погон со 145 коњски сили, како и 195-коњски плаг-ин хибрид, но и во три различни електрични варијанти. Електричната понуда започнува со погон на предните тркала и 213 коњски сили, а оди сè до погон на сите четири тркала и одлични 375 коњски сили. Токму за оваа изведба, Jeep разви целосно-нов заден електромотор кој испорачува дополнителни 49 kW максимална моќност и до 232 Nm вртежен момент.
Полнењето е со максимални 160 kW и батериите се полнат од 20 до 80% за само 30 минути. Автономијата е до (навистина одлични) 650 километри. Верзиите со погон на предните тркала имаат растојание до подлогата до 200 милиметри, агол на пристапување од 20°, агол на прекршување од 15° и агол на заминување од 26°. Верзиите со погон на сите тркала имаат агол на пристапување од 27°, агол на прекршување од 16° и агол на замиување од 31° – а ова се должи на наменскиот дизајн на овие изведби.
Дизајнерски, новиот Compass добива поостар, посамоуверен изглед. Веднаш се препознаваат дизајнерски елементи инспирирани од Avenger, но и од огромниот Wagoneer S. Деталите се навистина интересни – од острите браници и линии, сè до тенките предни светла. Ставот е наметлив, благодарение на чистите самоуверени форми и кратките надвисоци. Compass ќе се нуди во шест бои – Hawaii Green, Pacific Blue, Antarctica White, Amazonia Brown, Yosemite Grey и Volcano Black.
Кабината добива 10-инчен панел за инструменти пред возачот, како и 16-инчен инфозабавен систем. Она кое нè радува е одлуката на Jeep да задржи физички контроли за некои од функционалностите. Особено интересен ни е црвениот селектор за Selec-Terrain системот!
Од Stellantis пристигна информација дека производството на Compass ќе започне во Италија во втората половина од годинава. Но нарачките се веќе отворени и тоа за специјалниот First Edition достапен со 145-коњски хибриден систем, или пак со целосно-електричен погон со 213 коњски сили и автономија до 500 километри.