ПРЕМИЕРА: Ferrari 296 Speciale – Карбон, титаниум и 880 коњски сили! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Ferrari 296 Speciale – Карбон, титаниум и 880 коњски сили!

Новиот Ferrari 296 Speciale е полесен и помоќен, а со тоа и побрз и поекстремен!

Ако системските 830 коњски сили на „обичниот“ Ferrari 296 не Ви беа доволни, тогаш новиот 296 Speciale нуди 880 коњски сили. Од нив, 690 коњски сили доаѓаат од 2.9-литарскиот твин-турбо V6, а останатата моќност доаѓа од хибридниот систем кој испорачува уште повеќе моќ благодарние на оптимизираните компоненти и подобреното ладење.

А сите тие 880 коњи се испорачуваат кон задните тркала преку 8-степен автоматски менувач со двојна спојка кој сега е рекалибриран со оптимизирани параметри и уште поагресивно менување на степените на пренос. Резултат на сето тоа? Од Ferrari тврдат дека 100 километри на час пристигнуваат за само 2.8 секунди, 200 километри за 7 секунди. Круг околу Fiorano се поминува за 1 минута и 19 секунди.

Одберете го Speciale A (кабриолетот) и автомобилот е полесен 50 килограми од не-специјалниот модел. Одберете ја верзијата со тврд кров и тежината се намалува за вкупно 60 килограми. Сето ова е добиено со користење на уште повеќе карбон (особено во кабината).

Инаку, новиот 296 Speciale добива нови браници, а кај задниот браник се забележува огромен нов дифузер. Секако, тука е и активниот заден спојлер. Според Ferrari, специјалните (хех) изведби имаат дури 20% повеќе потисна сила од GTB и GTS моделите. Секако, инженерите на Ferrari посветиле внимание и на суспензијата – пружините се поцврсти и направени од титаниум, а целиот автомобил е нијанса поблиску до подлогата. Новите тркала со пет краци се обвиени во Michelin Pilot Sport Cup2 пневматици направени специјално за Speciale.

Специјален автомобил, навистина.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.