Целосно електричниот EX30 покрај во Кина, сега дополнително ќе се произведува и во Белгија.
Ние веќе добро го знаеме EX30 – го возевме минатата година. И електричниот модел на Volvo е вистински хит. Поради високата побарувачка на EX30 во Европа (која сочинува 80% од глобалната продажба) но и поради избегнување на увозните давачки, Volvo реши да го прошири производството и во Белгија. EX30 е четвртиот модел што се произведува во Гент, покрај моделите EX40, EC40 и V60, и е клучен за иднината на последната автомобилска фабрика во Белгија, особено по затворањето на фабриката на Audi во Брисел.
За да се овозможи производството на EX30, фабриката беше значително модернизирана. Поранешен магацин од 40.000 квадратни метри е претворен во најсовремена монтажна линија со 580 роботи, со што времето на производство е скоро преполовено.
Покрај склопувањето на EX30, во Гент се произведуваат и клучни компоненти како батерии и врати, што го скратува синџирот на снабдување и ја намалува еколошката трага на возилото. Со користење биогас и електрифицирани печки во лакерницата, фабриката се стреми кон климатски неутрално производство.