Новиот Stelvio треба да дебитира кон крајот на јуни, но дали во меѓувреме протекоа патентни фотографии од втората генерација на првиот SUV на Alfa Romeo?
Еднаш веќе зборувавме за новиот Stelvio, неговата платформа и новите погонски опции. Сега, преку ClubAlfa.it и Quattroruote пристигнуваат неофицијални (и најверојатно „протечени) патентни фотографии од новиот SUV на Alfa Romeo.
Од она кое можеме да го видиме на овие фотографии, новиот Stelvio ќе следи сличен дизајнерски јазик со малиот Junior (кој ние неодамна го возевме, нашиот тест можете да го прочитате тука), но истовремено воведува и интересни нови дизајнерски елементи – како на пример интересниот заден светлосен елемент кој на големиот SUV ќе му даде уникатен светлосен потпис. Овој елемент е веќе потврден, па токму затоа и мислиме дека ова навистина се патентни фотографии од Stelvio.
Новиот Stelvio се очекува да пристигне со неколку различни погонски опции – секако, тука е неизбежната целосно-електрична верзија, но се очекуваат и хибридна и плаг-ин хибридна варијанта. Дополнително, меѓу фановите на Alfa Romeo „се шушка“ дека и новиот Stelvio ќе го задржи 2.9-литарскиот твин-турбо V6 во неговата најмоќна Quadrifoglio изведба, но со некаква електрификација. Останува да видиме. ;)
Извор: ClubAlfa.it & Quattroruote