ПРЕМИЕРА: Porsche 911 Spirit 70 се навраќа на диско ерата од минатиот век – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Porsche 911 Spirit 70 се навраќа на диско ерата од минатиот век

Porsche ја проширува Heritage Design линијата со новиот 911 Spirit 70 кој оддава почит на диско ерата и ќе биде произведен во само 1500 примероци.

Ексклузивниот 911 Spirit 70 е достапен само во една боја – Olive Neo Green – и е базиран на 911 GTS Cabriolet. Под задниот поклопец се крие хибридниот погон од Carrera GTS кој комбинира 3.6-литарски турбо-боксер со електромотор, eTurbo и уште малку вуду-магија за да испорача вкупно 540 коњски сили. Покрај специјалната боја, 911 Spirit 70 добива и Sport Classic тркала во интересна боја која Porsche ја нарекува Bronzite.

Плус, има уште ретро детали – рамката околу ветробранското стакло е во црна боја, а црни се и платнениот кров, трите ретро ленти на предниот поклопец и различните 911 ситници.

Секако, ретро елементи има и во кабината. Средишниот дел на седиштата и други елементи се обвиени во двобојна комбинација од црна боја и Olive Neo Pasha, а дизајнот е замислен да наликува на тркачко знаме.

Панелот со инструменти добива специјална графика која е инспирирана од класичните модели на Porsche. Дури и Sport Chrono штоперката (не, не е часовник) на арматурната табла има зелени бројки и бели стрелки. За купувачите е достапен и Porsche Design часовник.

И како што напоменавме, ќе бидат произведени само 1500 примероци од овој ексклузивен 911.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.