Во зависност од пазарите, новиот Lexus ES ќе биде достапен во една од две хибридни изведби, но за прв пат ќе се нуди и со целосно-електричен погон.
Ова е новиот Lexus ES. Дизајнот е директно инспириран од LF-ZL концептот кој Lexus го покажа пред повеќе од една година, но веднаш ќе кажеме – изгледа супер-модерно и супер-футуристички. Всушност, би додале дека иако дизајнот ги следи тековните насоки на брендот, сепак е храбар исчекор од нормата и изгледа радикално различно од моделот кој го заменува. Браво!
Ни се допаѓаат храбрите, самоуверени форми и тенките светла. Ни се допаѓа ставот на автомобилот – изгледа подготвено, динамично и моќно. И да, за прв пат, доаѓа во целосно-електрична конфигурација.
Земјите од западна Европа ќе го добијат ES 300h, кој комбинира 2.5-литарски атмосферски бензинец со електромотор за вкупно 201 коњска сила. Источните пазари ќе добијат слична конфигурација, но со ознака ES 350h и 247 коњски сили. Без разлика на моделот, достапни ќе бидат погон на предните или на сите четири тркала. Побрзата конфигурација забрзува до 100 километри на час за 7.8 секунди.
Интересен новитет е целосно-електричниот ES. И тука има две ознаки – ES 350e и ES 500e. ES 350e е со погон на предните тркала и има 224 коњски сили, додека ES 500e е со погон на сите четири тркала и има 343 коњски сили. Послабата варијанта забрзува до 100 километри на час за 8.9 секунди, додека помоќната го прави тој спринт за околу 5.9 секунди. Немаме конкретни информации околу автономијата, но Lexus неофицијално најавува автономија до околу 500 километри.
Интересно, дизајнерите на Lexus одлучиле да ја напуштат досегашната филозофија за дизајн на кабините на своите автомобили и да се концентрира кон поедноставен, поминималистички пристап. Пред возачот има 12.3-инчен дисплеј дисплеј за информациите околу возењето, додека на средината на арматурната табла е голем 14-инчен инфозабавен дисплеј. На некои пазари ќе се нуди и трет екран наменет за совозачот.
Секако, бидејќи е Lexus, достапни ќе бидат и еден куп дополнителни „играчки“ – од масажа дури и на задните седишта, преку контроли за клима уредот во централниот наслон и многу, многу повеќе.
Новиот Lexus ES се очекува да пристигне во салоните на почетокот на следната година.