ПРЕМИЕРА: Рафиниран и луксузен – ова е новиот Audi A6 – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Рафиниран и луксузен – ова е новиот Audi A6

Новиот A6 Sedan пристигнува со нов дизајн, напредна технологија и избор на моќни турбо мотори.

Откако неодамна го претстави новиот Audi A6 Avant, денес Audi ни го покажа новиот A6 во неговата поконвенционална, седанска форма.

Дизајнот на новиот A6 Sedan е јасен и функционален. Впечатливиот преден дел, со тенки светла и истакнати Audi прстени е дефиниран од големата, ниско поставена маска. Двете задни светла со прецизна графика и континуираната светлосна лента му даваат на новиот модел силно присуство. Еден од најважните елементи за нискиот коефициент на воздухот со вредност од 0.23 се страничните отвори на предната страна со чија помош значително се подобрува аеродинамиката – всушност, ова е најаеродинамичниот модел со внатрешно согорување на Audi во историјата на брендот.

Опционалното управување на сите тркала овозможува агилно управување и прецизно маневрирање. При ниски брзини, задните тркала се вртат до пет степени во спротивна насока од предните, што го подобрува маневрирањето во градски услови, додека при средни и високи брзини, задните тркала се вртат во иста насока, што резултира со стабилно и попрецизно управување.

Во новиот модел, хибридниот MHEV plus mild-hybrid систем се користи кај четирицилиндричниот 2.0 TDI  со 204 коњски сили и кај шестцилиндричниот 3.0 TFSI со 367 коњски сили. MHEV plus системот овозможува целосно паркирање и маневрирање на електрична енергија и обезбедува дополнителни 24 коњски сили и дополнителен вртежен момент до 230 Nm при тргнување или претекнување.

Звучната изолација во A6 Sedan е подобрена до 30% во однос на претходникот. Сите гуми од 19 инчи па нагоре доаѓаат со технологија за намалување на шумот, а новоразвиените држачи на моторот и менувачот овозможуваат помирно и потивко возење.

Новиот Audi A6 Sedan ќе се произведува во германскиот град Neckarsulm и ќе се продава глобално. Нарачките ќе започнат од средината на април, а испораките се планирани за претстојното лето.

Поврзано:  Ги доделивме овогодинешните награди Златно Тркало


Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!