Кинескиот гигант ја забрзува експанзијата во Европа и нема да се концентрира само на електрични возила, туку ќе нуди и плаг-ин хибридни модели.
Најновите примери за експанзијата на BYD во Европа е влегувањето на BYD на пазарот во Швајцарија, но и лансирање на луксузниот бренд Denza во Италија. Во Швајцарија, BYD ќе продава две електрични возила и еден хибрид – електричните Seal и Sealion 7, како и плаг-ин хибридниот SUV Song Plus DM-i.
Во моментов BYD има еден шоурум во Швајцарија, а до крајот на годината се планирани вкупно 15. Секако, BYD е веќе присутен на повеќе пазари ширум Европа – кинескиот гигант веќе продава автомобили во Норвешка, Данска, Шведска, Холандија, Германија, Франција, Белгија, Обединетото Кралство, Австрија, итн. На неодамнешниот саем на автомобили во Белград, беше објавено дека BYD ќе влезе и на српскиот пазар. BYD веќе гради фабрики за автомобили во Унгарија и Турција, а неодамна се појавија гласини дека планира нова, трета фабрика – и тоа во Германија!
Но BYD планира да се бори и во полуксузните сегменти. Пред само два дена, BYD го лансираше брендот Denza во Италија. За да го дадеме вистинскиот контекст, ќе напоменеме дека Denza всушност стартуваше во 2011 како заеднички проект на Mercedes-Benz и BYD. Минатата година Mercedes-Benz целосно се повлече од овој проект и целосно му го препушти сопствеништвото на BYD. Дали Mercedes-Benz само го користеше својот удел во Denza само за да го одложи влегувањето на брендот на европскиот пазар? Можеме само да шпекулираме, но фактот дека за помалку од 6 месеци откако германскиот гигант се повлече, Denza пристигна и во Европа поставува интересни прашања.
Моделот со кој Denza ќе се промовира во Европа е Z9 GT – голем целосно електричен караван кој користи батерија со капацитет од 100 kWh и располага со вкупно 960 коњски сили благодарение на три електромотори. Истиот модел ќе се продава и како плаг-ин хибрид со вкупно 860 коњски сили од почетокот на следната година.