ТЕСТ: Cupra Leon 1.5 eTSI 150 MHEV DSG – Поинаков Leon! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Cupra Leon 1.5 eTSI 150 MHEV DSG – Поинаков Leon!

Leon беше моделот кој највероајтно го дефинираше Seat изминативе двеипол децении, но каде е сега Leon во портфолиото на Cupra?

Полека но сигурно, Cupra го заокружува своето портфолио на продукти – тука е Formentor кој неодамна го возевме, а тука е и Terramar кој неодамна пристигна во Македонија. Но еден од моделите со кој Cupra всушност дебитираше и ја започна својата пазарна офанзива беше токму Leon. Истовремено, Leon е и последната директна врска меѓу она што беше Seat и она што денес е Cupra. Па всушност, имајќи го тоа предвид, каде припаѓа Leon во приказната?

Cupra Leon кој денес е тема на дискусија, е директно поврзан со Seat Leon, но со преработки кои се доволно темелни за да можеме да кажеме дека всушност се работи за целосно-засебен модел. И разликите не се само визуелни, туку одат многу подлабоко и допираат во самата срж на Leon.

Leon е автомобил со динамичност во гените

Впечатокот кој го остава Leon на првиот контакт е дека навистина се работи за автомобил со динамичност во гените. Ставот на Cupra Leon е низок и атлетски, и во свет каде сè повеќе и повеќе доминираат кросоверите, автомобилите кои се волку ниски „од фабрика“ стануваат реткост.

На предниот дел веднаш се забележува освежениот, затегнат лик на Cupra Leon. Ликот е скоро ајкулест, со остар нос и нагласена „челуст“. Предната решетка наликува на остри заби, а предните светла на остри, намерни очи. Над предната решетка е гордо поставена бронзената значка на Cupra – а тоа кажува дека Leon воопшто не се воздржува да го нагласи своето потекло.

Профилот е низок, со нагласени динамични линии благодарение на големите крила и големите тркала кои се кријат во нив. Рачките од вратите се поставени под карактерната линија, а кон задниот дел забележуваме внимателно извајани задни светла и агресивен спојлер.

И кога сме кај задниот дел – ова е можеби најуверливо дизајнираниот дел на Cupra Leon. Задните светла се трендовски споени во еден светлосен елемент, но она кое навистина ни се допаѓа е светлечкото Cupra лого поставено на средината на петтата врата. Во страниците од браникот се поставени рефлектори, додека во долниот дел од браникот е поставен голем дифузер и естетски завршетоци на издувниот систем.

Поврзано:  Ги доделивме овогодинешните награди Златно Тркало

Сè на сè – Leon изгледа агресивно и подготвено. Онаму каде директните конкуренти како да ја кријат динамичноста, Leon гордо нагласува што се крие под кожата.

Спортска, хај-тек кабина

А во кабината? Во кабината продолжува сличен пристап. Веднаш при отворањето на возачката врата нè пречекува освежувачки-спортска кабина. Управувачот е обвиен во кожа која е делумно перфорирана, а на самиот управувач е копчето за старт и копчето за активирање на Cupra режимот. Пред возачот се поставени дигиталните инструменти, додека на централната конзола доминира огромниот мултимедијален екран.

Во кабината забележуваме интересна комбинација од материјали, текстури и ситни детали. Фановите на Cupra ќе ги препознаат бакарните (или бронзени, како сакате) елементи – на пример, околу отворите за вентилација, ситниците на управувачот па дури и шевовите на арматурната табла и на седиштата.

Се седи навистина ниско, како што и прилега на ваков автомобил. Повеќето површини со кои имаме директен контакт се покриени во фини материјали и само во пониските региони се препознаваат поцврстите пластики. Ќе пофалиме и дека нема пијано-црни пластики во кабината.

Инаку, веднаш под мултимедијалниот екран се слајдерите за контролирање на клима-уредот и аудио уредот, а под нив е просторот со безжичен полнач за мобилен телефон и два USB-C приклучоци. Лизгачките контроли наидоа на свои критичари, но сега се осветлени па се полесни за користење ноќе, а и едноставно – функционираат.

Мултимедијалниот систем е значително подобрен во однос на системот кај стандардниот Leon. Системот добива нов хардвер кој е забележително побрз, па системот работи подобро и побрзо и попрецизно реагира на сите команди. Да, во ред – како и секој ваков систем, и овој систем „бара малку учење“, но повеќето функционалности се лесни за наоѓање.

Поврзано:  Македонска премиера на Cupra Terramar!

Задната клупа е изненадувачки просторна за класата. Дури и повисоки патници ќе седат прилично комфорно, но не би препорачале да се возат тројца, особено кон подалечни дестинации. Патниците на задната клупа добиваат и свои контроли за клима-уредот, како и два засебни USB-C приклучоци.

Багажникот е во рамките на она кое се очекува од класата. Преку големата петта врата се пристапува до багажен простор со капацитет од 380 литри, односно 1470 литри со спуштени задни седишта.

Изненадувачки агилен (и изненадувачки штедлив) 1.5-литарски турбо-бензинец

Нашиот тестен модел дојде со 1.5-литарскиот TSI турбо-бензинец со лајт-хибридна компонента, односно 48-волтен систем и стартер-генератор. Турбо-бензинецот испорачува 150 коњски сили од 5000 вртежи во минута, како и 250 Nm вртежен момент од 1500 па сè до 3500 вртежи во минута. На хартија, забрзувањето до 100 километри на час трае 8.7 секунди, додека максималната брзина е 215 километри на час.

Но во вистинскиот свет, особено во спортски режим на работа, турбо-бензинецот како да испорачува повеќе од тие 150 коњски сили. Ова (најверојатно) се должи на различната калибрација во однос на роднинските модели од портфолиото на Volkswagen групацијата. Cupra Leon се чувствува како да е побрз и поагресивен. При притискање на педалата за гас, турбо-бензинецот реагира со леснотија и ентузијазам, а DSG менувачот спушта степен-два (па и три) пониско и Leon се буди.

Од друга (и малку изненадувачка страна), погонот се покажа како исклучително ефикасен. Да, тука се препознаваат придобивките од лајт-хибридниот систем и системот за деактивација на цилиндри. За време на неколкудневното дружење, борд-компјутерот ни покажуваше просечна потрошувачка која се движеше меѓу 7.5 и 8 литри бензин на 100 изминати километри. И тоа без влечкање.

Поврзано:  Златно Тркало 2025: Најпосакуваните автомобили се Cupra Formentor, Audi A5, Peugeot 3008, Geely Coolray и Opel Grandland!

Стабилен и комуникативен зад управувачот

Секако, динамично е поставена и шасијата. Самото ниско седење сугерира дека овде работите се малку поинакви – суспензијата е цврста и одлично ја контролира каросеријата. Leon е беспрекорно стабилен во свиоци и скоро и да нема никакво навалување од свиок во свиок.

Управувањето е директно, прецизно, па дури и малку зборлесто, односно изненадувачки комуникативно во време на анемични електрични серво-управувачи. Системите за безбедност и стабилност се калибрирани да дозволуваат малку повеќе слобода, па Leon во сите ситуации се чувствува агилен и подготвен за забава.

Cupra Leon е засебен автомобил, неблагодарна е споредбата со Seat Leon

И каде нè носи сето ова? Кон заклучокот дека е можеби малку неблагодарно да се споредува Seat Leon со Cupra Leon. Од динамичноста, преку дизајнот, па сè до кабината и калибрацијата – Cupra Leon е засебен автомобил кој гордо ја носи значката Cupra. И во време кога сè повеќе брендови се откажуваат од спортските модели за сметка на „пазарно-безбедни“ автомобили – Leon е вистинско освежување.

Спецификации

Модел: Cupra Leon 1.5 eTSI 150 MHEV DSG
Мотор: 1.5-литарски турбо-бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 150 коњски сили / 5000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 250 Nm / 1500 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
0-100 км/ч: 8.7 секунди
Максимална Брзина: 215 километри на час
Должина: 4398 mm
Ширина: 1992 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1442 mm (со кровни носачи)
Тежина: 1286 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2686 mm
Багажен Простор: 380 – 1470 литри
Потрошувачка: 7.8 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Cupra Leon 1.5 eTSI 150 MHEV DSG – 32.252 Евра
Цена на моделот без дополнителна опрема: Cupra Leon 1.5 TSI S&S 150 – 32.79 Евра
Цена на тестираниот модел: Cupra Leon 1.5 eTSI 150 MHEV DSG – 40.306 Евра
Повеќе Информации: Cupraofficial.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.