ТЕСТ: Toyota Land Cruiser 2.8 D-4D Executive – Нема „не можам до таму“. – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Toyota Land Cruiser 2.8 D-4D Executive – Нема „не можам до таму“.

Многу автомобили се нарекуваат икони, и некои од нив сигурно го заслужуваат тој статус. Но Land Cruiser е еден од оние за кои нема никаков простор за сомнеж.

Кога пред неколку години седнавме зад управувачот на минатата генерација на огромниот теренец, го опишавме како горд, незапирлив и огромен. И дали нешто е сменето?

Па, суштински – не. Новиот Land Cruiser и понатаму е горд. И понатаму е незапирлив, и секако – и понатаму е горд. И има на што да биде горд, бидејќи е еден од оние автомобили кои многу добро, многу уверливо го прават она кое го ветуваат. Со Land Cruiser нема „не можам“. Нема „далеку е“. Нема ниту „ама види го теренот“. Едноставно, го насочувате каде сакате да одите и одите таму. И толку е лесно.

Во ред, во ред, да објасниме зошто е тоа така. Во ера на ваков SUV или онаков SUV, Land Cruiser гордо ја задржува старата, докажана body-on-frame конфигурација и останува вистински, неуморен теренец.

Land Cruiser е огромен SUV.

Но пред да зборуваме за возењето, да го продискутираме дизајнот. Во нашите очи, ова е најверојатно најдобрата ретро-инспирирана реинтерпретација на дизајн изминативе неколку години. Уште на прв контакт, Land Cruiser делува импозантно. На прв контакт, неговите димензии – и уште поважно, формата – делуваат застрашувачки. Ова е голем SUV.

Формите се јасни и чисти. Дизајнерите намерно се задржале на „коцкастата“ форма за да евоцираат спомени на минатото, но и да ја истакнат намерата на Land Cruiser. Нема потреба од трендовски „меки“ линии или пак непотребни детали – Land Crusier многу намерно изгледа онака како што изгледа.

Предниот дел е безмалку вертикален, со отвори за воздух на средишниот дел и правоаголни светла во секој агол. А правоаголни се и елементите во светлосните групи. Секако, рабовите се малку омекнати, но ваквиот пристап се проткајува низ целиот дизајн. Профилот е сличен – верно е следена two-box формата на Land Cruiser од минатото – а тоа пак значи чист дизајн со многу наменски одлуки. Сепак, забележуваме и интересни, малку несекојдневни детали – како на пример дискретниот заден спојлер. Со оглед на формата на Land Cruiser, сигурни сме дека најверојатно никако не придонесува кон аеродинамиката, но изгледа проклето кул.

Поврзано:  Toyota Hilux добива хибридна изведба

На задниот дел, вниманието оди кон задните светла поставени во самите агли од каросеријата. Не само што изгледаат одлично (на свој, ретро-модерен начин) туку и ја истакнуваат хоризонталноста на дизајнот, а со тоа и димензиите на Land Cruiser.

Околу целиот автомобил има заштитни пластични панели наменети да ја заштитат каросеријата од ситни (и не толку ситни) оштетувања – и сè на сè, Land Cruiser изгледа безвременски. Незапирлив.

Кабина предвидена за лесно користење и во екстремни услови

Инженерите и дизајнерите на Toyota едноставно „го погодиле“ ентериерот. Се качуваме (да, се качуваме) во кабината и нè пречекува амбиент кој истовремено е супер-модерен, но и малку конзервативен за да биде лесен за користење во секакви услови, па и со големи, дебели ракавици.

Пред возачот е поставен огромен дигитален инструмент-панел на кој се прикажуваат сите информации. Управувачот е димензиониран да биде лесен за маневрирање, а на него се поставени големи, chunky физички копчиња. На таблата пред возачот и совозачот е поставен огромниот мултимедијален уред (со Android Auto и Apple CarPlay поврзување, секако), но уште поважно – задржани се физичките контроли.

И тоа физички контроли за сè – под екранот и отворите за вентилација ќе забележите копчиња за контрола на клима уредот, за греачите (и вентилацијата) на седиштата, за греењето на управувачот. На вертикалниот гребен е поставен големиот, старошколски автоматски менувач кој можете да го користите без да треба да тргнете погледот од патот пред вас, додека на физички копчиња се и контролите за диференцијалите, како и селекторот за режим на возење.

Се седи комфорно и високо, а прегледноста е одлична. Секако, Land Crusier е огромен, па камерите за маневрирање значително го олеснуваат паркирањето и движењето низ град. Комфорно ќе седат и патниците на задната клупа, а релативно комфорно ќе седат и патниците во третиот ред седишта. Да, Land Cruiser доаѓа со седум седишта. Средниот ред се прилагодува во неколку насоки, па патувањето ќе биде комфорно и кон подалечни дестинации. Третиот ред е воглавно наменет за деца и за пократки патувања.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Toyota го претстави целосно-електричниот C-HR+

Кон багажникот се пристапува преку огромна петта врата. Во зависност од конфигурацијата, можете да очекувате меѓу 130 литри (со три реда седишта во функција), 566 литри со преклопен трет ред и дури 2000 литри со преклопени среден и заден ред седишта.

Изненадувачки маневрабилен во град.

И сега, конечно можеме да зборуваме за искуството зад управувачот.

Прво, неизбежен е фактот дека Land Cruser е голем. Всушност, со должина од безмалку пет метри и широчина од над 2.1 (со страничните ретровизори), Land Cruiser е навистина голем. Но зад упраувачот, благодарение на големите стаклени површини, огромните ретровизори и високата седечка позиција – и не е толку страшно. Плус, онаа „коцкастата“ форма за која зборувавме? Таа форма прави да можете многу лесно да препознаете каде се границите на Land Cruiser, па паркирањето и маневрирањето – па дури и градскиот метеж – не се толку страшни.

Турбодизел со 204 коњски сили и 500 Nm вртежен момент… И сите можни диференцијали на светот!

Под поклопецот се крие добро-познатиот 2.8-литарски турбодизел кој испорачува 204 коњски сили и 500 Nm вртежен момент. Максималните коњски сили се достапни од 3000 до 3400 вртежи во минута, но вртежниот момент е достапен од само 1600 вртежи во минута. Силата ја пренесува кон сите четири тркала преку нов, 8-брзински автоматски менувач и едно чудо диференцијали.

Перформансите се неважни, но 100 километри на час пристигнуваат за околу 10 секунди, додека максималната брзина е 175 километри на час. Очекувајте потрошувачка од нешто над 10 литри дизел на 100 километри.

Вистинскиот талент на Land Cruiser не се препознава кога „ќе снема“ асфалт. Се препознава кога ќе стигнете до оние места каде асфалтот не е ни планиран.

Но кажуваме дека перформансите се неважни. Да, Land Cruiser комфорно ќе крстосува на автопат и без приговор ќе Ве однесе од едно место до друго, но неговиот вистински талент не се покажува во оној момент кога „ќе снема“ асфалт, туку кога ќе стигнете до оние места на кои асфалтот не е ни планиран.

Поврзано:  Toyota е најпродаван производител на автомобили во светот за 2024 година

Едноставно, насочете го големиот теренец онаму каде сакате да стигнете, одберете го вистинскиот режим на работа и внимателно но самоуверено дајте гас. И Land Cruiser без приговор, без колебање, без никакво негодување ќе стигне онаму каде сакате да одите. И да, секогаш ќе биде интересно да се види подлогата од перспектива од која едноставно… Не сме навикнати да ја гледаме.

Плус, со агол на пристапување од 31 степен, агол на прекршување од 25 степени, агол на заминување од 22 степени и цели 220 милиметри растојание од подлогата, Land Cruiser лесно ќе совлада секакви препреки.

А во оној момент кога некое од тркалата ќе пролизга или ќе се најде во воздух, системот автоматски ќе го пренасочи вртежниот момент кон онаа оска и она тркало со највеќе тракција и авантурата продолжува без никаква драма ниту размислување.

Некои работи се менуваат, некои остануваат исти.

И по сето ова, каков е заклучокот? За некои автомобили можеме да кажеме дека се икони, но само за некои од нив таа придавка се пренесува од генерација во генерација. Land Cruiser е еден од тие автомобили. Land Cruiser е голем, докажан, издржлив и незапирлив. Land Cruiser не е за позирање низ град, туку одлично изгледа „во кал до прозорци“. И многу работи се менуваат, но некои работи – оние најважните – остануваат исти.

Спецификации

Модел: Toyota Land Cruiser 2.8 D-4D Executive
Мотор: 2.8-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 204 коњски сили / 3400 вртежи во минута
Вртежен Момент: 500 Nm / 1600 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 8 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 9.9 секунди
Максимална Брзина: 175 километри на час
Должина: 4920 mm
Ширина: 2138 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1935 mm (со кровни носачи)
Тежина: 2400 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2850 mm
Багажен Простор: 130 – 566 – 2000 литри
Потрошувачка: 11 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Toyota Land Cruiser 2.8 D-4D Comfort – 85.990 Евра
Цена на тестираниот модел: Toyota Land Cruiser 2.8 D-4D Luxury Premium 6AUT – 95.290 Евра
Повеќе Информации: Toyota.com.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.