ТЕСТ: Škoda Kodiaq 2.0 TDI EVO 4×4 193 Selection – Повторно бенчмарк – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Škoda Kodiaq 2.0 TDI EVO 4×4 193 Selection – Повторно бенчмарк

Кога се подготвува наследник на моделот кој (помалку или повеќе) го редефинираше сегментот во кој се натпреварува, притисокот не е воопшто голем. Воопшто. Да зборуваме за новиот Kodiaq.

Ако Octavia и Superb го редефинираа имиџот на Škoda, тогаш Kodiaq (lat. Maximus Europa Universalis Vehiculum) дефинитивно го зацврсти. Големиот SUV едноставно наметна нови стандарди – не само за големина, туку и за тоа што значи голем, практичен, сенаменски SUV. Кај купувачите наметна нови очекувања, а на продавачите на другите брендови им наметна нова главоболка. Зошто? Па затоа што и многу поскапи SUV модели од многу попремиум брендови се споредуваа Kodiaq. А тоа е веќе причина за главоболка.

И низ годините, Kodiaq упорно успеваше да остане продаван и релевантен. Фејслифт ваму, нови технологии онаму – Škoda го подобруваше и го подобруваше Kodiaq, а со тоа големиот чешки SUV остана интересен за купувачите. А сега, новиот Kodiaq треба да продолжи онаму каде оригиналот застана.

Првиот визуелен впечаток? Kodiaq е голем!

Првиот визуелен впечаток е дека новиот Kodiaq е голем. И како што обично бидува, првиот впечаток е точен. Меѓуоскионото растојание е непроменето, но новиот Kodiaq е шест сантиметри подолг, но и малку понизок од моделот кој го заменува. Поставен на огромни, 20-инчни тркала, Kodiaq има посамоуверен став, но и нова, посовремена силуета.

На предниот дел, вниманието веднаш оди кон дводелните предни светла и широката предна маска. Под неа е длабокиот преден браник со широка решетка, додека на предниот поклопец гордо стои централно-поставеното лого на Skoda. Поклопецот на моторот е интересно тродимензионален и сè на сè, Kodiaq има самоуверен, наметлив лик. Многу добро знае кој е.

Профилот ја истакнува должината на новиот SUV. Извајаните крила кои ги кријат огромните тркала дополнително го истакнуваат габаритот, додека лебдечкиот кров (кој завршува со дискретен спојлер) дава доза на модерност.

На задниот дел, вниманието оди кон трендовскиот едноделен светлосен елемент и гордо-поставената ознака ŠKODA . Околу целиот Kodiaq  се обмотуваат црни заштитни пластики во долниот дел кои ја нагласуваат SUV-робустноста, додека на кровот забележуваме дискретни, но практични кровни шини.

Поврзано:  Со електричен концепт, Škoda ќе ја најави новата Octavia

Сè на сè, Kodiaq изгледа привлечно. Можеби не е визуелно-највозбудливиот SUV на планетата, но не ни треба да биде. Токму заради чистиот дизајн, Kodiaq настапува самоуверено и доминантно.

Огромна, практична, дигитализирана кабина

Ја отвораме возачката врата и тука веќе препознаваме вистински напредок. Дигитализацијата е во полн ефект, но притоа не е направен компромис во однос на комфорот и практичноста кои се толку препознатливи за Kodiaq.

Веднаш ги забележуваме комфорните, профилирани седишта. Лесно наоѓаме комфорна и прегледна возачка позиција. Пред возачот е поставен дигитален инструмент-панел со сите потребни информации околу возењето, додека на централната конзола е поставен 13-инчен инфозабавен уред со најновите софтверски решенија на Volkswagen групацијата.

Инфозабавниот систем функционира беспрекорно и за време на неколкудневното дружење не забележавме никакви проблеми, ниту пак некакво каснење. Лесно се поврзува со мобилен телефон и има целосна безжична Android Auto и Apple CarPlay поддршка. Сепак, одлучивме да не ги користиме и овие системи бидејќи едноставно – инфозабавниот уред функционира одлично. А и нè предупреди кога се приближивме до сообраќајни камери кои мерат брзина. Дали ви е корисна таа информација или не, оставаме на вас. ;)

Веднаш под инфозабавниот систем се отворите за вентилација, под кои пак се Smart Dials „тркалцата“. Одговорно тврдиме дека ова е можеби најпрактичното решение кое сме го виделе изминатиов период. Со стискање на било кое од тркалцата се менува неговата функционалност, па левото и десното тркалце овозможуваат контрола на соодветната зона на клима-уредот или на греачите на седиштата. Со централното тркалце се менува меѓу силата на вентилацијата, насоката во која таа дува или контролата за гласност на аудио-уредот. Практично!

Секако, бидејќи е Kodiaq – има еден куп вакви практични решенија во кабината. Во вратите има мали корпи за отпадоци, на ветробранското стакло има држач за паркинг-картичка, додека во централниот гребен има држач за чаша. Односно, ако ви се потребни – два држачи за чаша. А и целиот централен гребен се затвора доколку е потребно.

Задната клупа добива свои контроли за клима уредот и два USB-C приклучоци. Има и мал централен гребен (кој може да се отстрани, доколку е потребно) пред задната клупа за оставање ситници, а во наслоните на предните седишта се вградени држачи за мобилен телефон или таблет. Секако, на просторот на задната клупа можат да позавидат и поголеми и поскапи автомобили, а за оние на кои им се навистина потребни, можат да добијат и Kodiaq со 7 седишта.

Поврзано:  Во чест на 130 години Skoda, претставена Fabia 130 со.. 175 коњски сили?

Инаку, многу внимание е посветено на изборот на материјали и завршната обработка на сите површини во кабината. Комбинацијата на материјали и текстури е навистина интересна и го подигнува амбиентот во кабината на уште повисоко ниво.

И конечно, багажникот. Преку огромната петта врата се пристапува до багажен простор со капацитет од (подготвени?) 910 литри, односно дури 2105 литри со преклопени задни седишта. Машала!

Комфорен и суверен

А како е зад управувачот? Првиот впечаток е дека Kodiaq е голем, тоа е неизбежно. Но по само неколку метри, станува јасно дека и покрај димензиите, Kodiaq е лесен за маневрирање. Високата седечка позиција и големите стаклени површини овозможуваат прилично добра прегледност, а маневрирањето и паркирањето го олеснуваат паркинг-сензорите и задната паркинг-камера. Дали нешто ни недостасува? Можеби предна паркинг-камера. Од друга страна, ни се допаѓа дека рачката за менувачот е поставена зад управувачот – полесно и побрзо се користи, а истовремено се ослободува повеќе простор на централниот гребен меѓу предните седишта.

Низ град, Kodiaq се движи и се снаоѓа лесно. Потпирањето е ориентирано кон комфор и мирно патување, па Kodiaq (и покрај големите тркала) успешно ги впива нерамнините од улиците. При подинамично возење, лесно ја менува насоката од свиок во свиок, но сепак се забележува дека барем во оваа конфигурација, Kodiaq е дефинитивно понаклонет кон поопуштено возење. За подинамично возење, одберете Kodiaq Sportline или пак веќе навистина спортскиот Kodiaq RS.

Но ако некаде е навистина во свој елемент, тоа би било на автопат. Kodiaq едноставно голта километри и дури и при повисоки брзини во кабината е прилично тивко и комфорно. Kodiaq е самоуверен и на автопатски брзини, и дури на навистина високи брзини би сакале нијанса поцврста суспензија.

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Каков SUV? Skoda ја најавува следната Octavia со Vision O!

Добро-познат 2-литарски TDI со 193 коњски сили

И не смееме да го заборавиме ниту погонот. Нашиот тестен примерок дојде со најновата итерација на добро-познатиот 2-литарски TDI турбодизел. Моторот испорачува 193 коњски сили од 3500 до 4200 вртежи во минута, но уште поважно испорачува моќни 400 Nm вртежен момент од 1750 па сè до 3250 вртежи во минута. Силата ја пренесува примарно кон предните тркала преку 7-брзински DSG менувач со двојна спојка, а по потреба може да ги задвижи и задните тркала.

Одзивот на педалата за гас е линеарен и Kodiaq лесно забрзува до 100 километри на час за само 7.8 секунди, додека максималната брзина е 220 километри на час. Škoda декларира комбинирана потрошувачка од 6.6 литри на 100 изминати километри, ние измеривме градска потрошувачка од околу 9 литри на 100 изминати километри.

Заклучок? Škoda повторно успеа

И да, Škoda повторно успеа. Успеа да понуди модел кој крши сегменти. Успеа да понуди модел кој повторно ќе им зададе главоболки на продавачите на конкурентските модели. И уште поважно, успеа да направи достоен наследник на еден навистина успешен модел. И да, Kodiaq е повторно на врвот.

Спецификации

Модел: Škoda Kodiaq 2.0 TDI EVO 193 4×4 DSG Selection
Мотор: 2-литарски турбодизел, 4 цилиндри
Моќност: 193 коњски сили / 3500 вртежи во минута
Вртежен Момент: 400 Nm / 1750 – 3250 вртежи во минута
Менувач: Автоматски со двојна спојка, 7 брзини
Забрзување 0-100 км/ч: 7.8 секунди
Максимална Брзина: 220 километри на час
Должина: 4758 mm
Ширина: 2087 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1657 mm
Тежина: 1723 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2791 mm
Багажен Простор: 910 – 2105 литри
Потрошувачка: 8.9 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Škoda Kodiaq 1.5 TSI 150 e-TEC ACT DSG Selection – 41.840 Евра
Цена на тестираниот модел: Škoda Kodiaq 2.0 TDI EVO 4×4 193 Selection – 50.160 Евра
Дополнителна опрема: 8.477 Евра
Вкупна цена: 58.637 Евра
Повеќе Информации: Skoda.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.