Ознаката Peugeot Sport Engineered беше резервирана за електрифицираните спортски модели на брендот, но единствениот модел кој некогаш се појави на пазарот е плаг-ин хибридниот 508 PSE.
На тркалезна маса со претставици од автомобилските медиуми, извршната директор на Peugeot – Linda Jackson – потврди дека францускиот бренд ќе ја згасне значката PSE и ќе се концентрира на целосната електрификација на гамата.
„Размислувавме за тоа“ – изјави Linda Jackson кога беше прашана дали Peugeot ќе претстави дополнителни модели од PSE-гамата, кои би се продавале покрај постоечкиот 508 PSE, и додаде – „Но увидовме дека мораме да приоритизираме, и дека сето ова е во насока на електрификацијата. До крајот на оваа годинам секој модел на Peugeot ќе има електрична верзија и мораме да се концентрираме на тоа. Мораме таму да ги поставиме приоритетите.“
Дополнително, Linda Jacskon отворено потврдила дека Peugeot веќе не е бред кој „брка перформанси“ но и дека истовремено останува посветен на натпреварување во World Endurance Championship. „Моторспортот за мене е две работи – одличен начин да се зборува за Peugeot ширум светот, но истовремено е и како лабораторија. Можете да тестирате работи, па и дизајнирате. Можеме да работиме на развој на суспензија, хибридизација, аеродинамика…“ – додаде таа.
Сепак, таа додаде дека компанијата дебатира дали е потребен автомобил кој ќе има директна врска со WEC програмата каде Peugeot се натпреварува со 9X8. „Дали ни треба таков автомобил, или можеме да ја земеме технологијата и да ја примениме кај поширока гама на возила?“ – прашува Linda Jackson.
Останува да видиме во која насока ќе се движи Peugeot – врската со WEC е силна, а францускиот бренд во својата понуда веќе има моќни плаг-ин хибридни (и сосем-нови електрични) погонски опции. Плус, другите брендови во рамките на Stellantis најавуваат моќни електрични верзии. Плус, одличниот нов 308 веќе се нуди во две плаг-ин хибридни верзии, од кои едната има 180, а другата 225 коњски сили. Но можеме да сонуваме за 308 PSE со 360 коњски сили и погон на сите четири тркала, нели?