Zeekr официјално го испорача своето прво возило во Европа – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Zeekr официјално го испорача своето прво возило во Европа

Кинескиот производител му ги предаде клучевите од новиот 001 Shooting Brake на својот прв европски клиент во Зајст, Холандија.

Zeekr почна да прима пред-нарачки за 001 Shooting Brake во Холандија и Шведска на 28 јуни, a 35 дена подоцна европските модели почнаа да излегуваат од производната линија. Првиот испорачан 001 е со врвната изведба Privilege AWD, а при предавањето присуствуваа извршниот директор на Zeekr Europe, Спирос Фотинос, главниот комерцијален директор Лотар Шупет и шефот на продажбата за Холандија, Марк Брас.

Zeekr 001 доаѓа со три верзии на електричен погон, од кои основната со еден мотор и Performance AWD и AWD Privilege со два мотори. Во третата варијанта електричните мотори комбинирано произведуваат 536 коњски сили и вртежен момент од 686 Nm. Тие му овозможуваат на автомобилот да достигне 100 км/ч за 3,8 секунди и со едно полнење да помине 580 км.

„Сега сме среќни што го предаваме нашето прво возило на меѓународно ниво. Ова е многу горд момент за нас, и сме воодушевени што гледаме како првите клиенти во Европа ја искусуваат уникатноста на ZEEKR“  рече Фотинос на церемонијата на примопредавањето.

Zeekr ќе продолжи да ги засилува испораките на 001 низ Европа, а следната година ќе започне и со испораките на моделот X SUV.



Автомобилски ентузијаст преку ден, DJ преку ноќ!