Новиот Jeep Avenger пристигна во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Новиот Jeep Avenger пристигна во Македонија!

Најновиот и најмал член на Jeep семејството од денес е официјално достапен и во Македонија!

Малиот Jeep Avenger е поставен на e-CMP платформата на Stellantis која веќе се користи за неколку различни електрични возила кај неколку различни брендови од групацијата и новиот урбан SUV веќе се закити со неколку светски признанија – Avenger беше изгласан за Европски Автомобил на Годината на јубилејното, 60-то издание на изборот.

Инаку, Avenger настапува со нова и современа интерпретација на дизајнерскиот јазик на Jeep и мораме да кажеме дека во живо изгледа едноставно фантастично! Малата, робустна форма му дава доза на самоувереност која се истакнува меѓу директните и индиректни конкуренти.

На нашиот пазар Jeep Avenger може да се добие со современ и ефикасен турбо-бензинец или како целосно-електричен модел. Оние кои сакаат бензински мотор ќе можат да го добијат Avenger со 1.2-литарски турбо-бензинец кој кон предните тркала преку 6-степен мануелен менувач испорачува 100 коњски сили и 205 Nm вртежен момент.

Кабината на Avenger е современа и дигитализирана – со големи дигитални инструменти и централно-поставен мултимедијален уред. Секако, мулимедијалниот систем доаѓа најновата генерација на UConnect софтверот со можност за безжично Apple CarPlay и Android Auto поврзување. Дополнително, купувачите ќе добијат и автоматски клима-уред, автоматски предни светла, грст сензори и камери за паркирање и многу, многу повеќе.

Не смееме да заборавиме ниту дека сепак тука зборуваме за Jeep, па Avenger најавува и импресивни теренски таленти. Аглите на пристапување и прекршување се 20 степени, додека аголот на отстапување е 32 степени. Avenger е оддалечен цели 20 сантиметри од подлогата и доаѓа со неколку различни режими на возење како и со Hill Descent Control за автономно симнување по надолнини.

Новиот Avenger веќе можете да го видите во салонот на Jeep, а повеќе информации можете да најдете на официјалната веб-страница.

Поврзано:   ТЕСТ: Jeep Avenger 1.2 T3 100 MT6 Altitude - Градски фраер!


Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.