ПРЕМИЕРА: Škoda го претстави својот нов SUV знаменосец – новиот Kodiaq! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Škoda го претстави својот нов SUV знаменосец – новиот Kodiaq!

Новиот Kodiaq пристигнува со подобрена просторна понуда, нови и ефикасни погонски единици, еволутивен дизајн и многу практични Simply Clever детали.

По долга кампања за најавување на новиот Kodiaq, Škoda конечно ни го претстави знаменосецот на својата SUV гама. Новиот Kodiaq е веднаш препознатлив како SUV на Škoda бидејќи пристапот кон дизајнот е еволуција наместо револуција, но сепак Kodiaq е темелно модернизиран од секој аспект.

Еден од деталите кој навистина ни се допаѓа е хоризонталниот светлосен елемент кој поминува низ предната маска, но е „исечен“ со секој вертикален столб од решетката – интересно и несекојдневно решение, очигледно инспирирано од светлечката предна маска на електричниот Enyaq iV. Дополнително, во ниту една изведба на Kodiaq нема хромирани детали – хромот е толку демоде.

На задниот дел вниманието оди кон задните светла кои се споени со транспарентен елемент, но не се едноделни како кај многу други производители. На купувачите ќе им бидат достапни тркала со димензии од 17 до 20 инчи, како и нови бои меѓу кои и интересната Bronx Bronze.

Новиот Kodiaq е 61 милиметар подолг од досегашниот модел (за вкупно 4758 милиметри), но истовремено е 18 милиметри потесен без тоа негативно да влијае на просторот во кабината. Истовремено е и 17 милиметри понизок, што пак се одразува позитивно на аеродинамиката и ефикасноста.

Во однос на погонските единици – Škoda ќе успее да ги задоволи сите вкусови преку широката гама на разни бензински, дизелски и плаг-ин хибридни погони. Основниот бензинец е 1.5-литарски TSI кој испорачува 150 коњски сили и доаѓа со систем за деактивација на цилиндри. Доколку сакате повеќе моќ, тука е 2-литарскиот TSI со 204 коњски сили и погон на сите четири тркала. Љубителите на незаменливиот 2-литарски TDI нема да бидат разочарани – популарниот турбодизел ќе биде достапен во конфигурација со 150 или 193 коњски сили. Без разлика на моторот кој ќе го одберете, Kodiaq ќе може да се добие само со DSG автоматски менувач со двојна спојка.

За прв пат Kodiaq ќе може да се добие и со плаг-ин хибриден погон. Плаг-ин хибридниот Kodiaq комбинира 1.5-литарски TSI со 150 коњски сили и електромотор за вкупно 204 коњски сили. Силата се пренесува кон предните тркала преку 6-степен DSG менувач, а благодарение на батеријата со капацитет од 25.7 kWh, Škoda ветува автономија на струја од повеќе од 100 километри пред да биде потребно да се активира бензинскиот мотор.

Секако – бидејќи сепак зборуваме за Kodiaq – кабината ќе биде просторна, комфорна и практична. Škoda веќе ни ја претстави кабината на Kodiaq и потври дека физичките контроли и понатаму ќе бидат дел од решението во ентериерот. Сепак, на централната конзола доминира огромниот 13-инчен дисплеј а под него се интересните Smart Dials.

Како што и очекуваме од еден практичен семеен SUV – тука се и практичните додатоци. Купувачите ќе можат да добијат четири USB-C приклучоци, вграден USB-C приклучок во централниот ретровизор, Canton премиум аудио уред со 14 звучници, безжично полнење за мобилен телефон, панорамски кров, ергономски седишта и многу, многу, многу повеќе.

Истовремено, кабината ветува навистина многу простор – како за возачот и совозачот и патниците на задната клупа, така и во багажникот. Верзијата со пет седишта ќе нуди багажен простор од скоро неверојатни 910 литри! Доколку користите седум седишта ќе имате на располагање 340 литри ако третиот ред е исправен, односно 845 литри ако треиот ред седишта е преклопен. Плаг-ин хибридниот Kodiaq има нијанса помал багажник поради батеријата, но и тој има багажник со капацитет од импресивни 745 литри!

Škoda потврди дека Kodiaq ќе биде достапен и во нијанса поспортска Sportline верзија која ќе добие големи тркала, спортски детали на екстериерот, црни декоративни елементи околу целиот SUV како и спортски детали во кабината – спортски седишта, контрастни декоративни елементи и други интересни детали.

Стартот на продажбата на новиот Kodiaq е најавен за почетокот на следната година.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.