Благодарение на комбинацијата од твин-турбо V6 и моќен електромотор, Cayenne S E-Hybrid има на располагање вкупно 519 коњски сили и одлични 750 Nm вртежен момент!
Поставен во средината меѓу Cayenne E-Hybrid и новиот супер-моќен Cayenne Turbo E-Hybrid, новиот Cayenne S E-Hybrid е златната средина во хибридната понуда на луксузниот SUV на Porsche. Основа на хибридниот погон е 3-литарскиот твин-турбо V6 кој самиот испорачува 353 коњски сили, но во соработка со батерија со капацитет од 25.9 kWh и електромотор со моќност од 176 коњски сили, вкупната системска моќност изнесува одлични 519 коњски сили и 750 Nm вртежен момент.
Сите овие коњски сили се рефлектираат во перформансите – луксузниот хибриден SUV забрзува до 100 километри на час за 4.7 секунди и достигнува максимални 263 километри на час – но истовремено може да помине до 90 километри на електрична енергија.
Cayenne S E-Hybrid стандардно доаѓа со 20-инчни тркала од Cayenne S, како и двојни завршетоци на издувниот систем. „Обичниот“ Cayenne ќе доаѓа со Silver пакет за надворешноста, додека Cayenne Coupe ќе доаѓа со Black пакет. Секако, ќе ја добие и новата унапредена суспензија (која ние веќе ја пробавме во новиот Cayenne S кога пред неколку месеци го возевме во Лајпциг). Кабината добива Sport Chrono пакет како и спортски седишта и грст други спортски детали.
Новиот Cayenne S E-Hybrid веќе може да се нарача, а испораките ќе започнат веќе во Ноември.












