ПРЕМИЕРА: Mini ги претстави новите Cooper и Countryman – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mini ги претстави новите Cooper и Countryman

Новите Mini Cooper и Countryman се целосно-електрични, дигитални и веднаш-препознатливи како модели на иконскиот британски бренд.

Новиот Cooper ќе се нуди во две целосно-електрични конфигурации – основен ќе биде Mini Cooper E со еден електромотор кој ќе располага со 184 коњски сили и 290 Nm вртежен момент, а над него ќе биде Cooper SE со еден електромотор кој ќе испорачува 218 коњски сили и 330 Nm вртежен момент. Cooper E добива батерија со капацитет од 40.7 kWh и ќе може да помине 305 километри со едно полнење.

Cooper SE добива поголема батерија со капацитет од 54.2 kWh и ќе може да помине до 400 километри со едно полнење. Ниту перформансите не се за занемарување – Cooper E забрзува до 100 километри на час за 7.3 секунди, додека на Cooper SE му се потребни 6.7 секунди.

Инаку, дизајнот е веднаш-препознатлив како Mini, но ќе додадеме дека сега малиот електричен хечбек изгледа позрело и подостоинствено. На свој, Mini начин се оддалечува од ретро-инспирираните дизајни на претходниците, но истовреме оддава почит на своето минато додека цврсто гледа кон иднината. Доминираат рамни линии и скоро и да нема хромирани детали.

Секако, британското знаме е присутно во задните светла, но сега оваа имплементација е подискретна. Mini Cooper ќе се нуди со тркала со дијаметар од 17 и 18 инчи.

Сличен е пристапот и во кабината – да, препознаваме ретро детали, но целиот пристап е изразено футуристички – тука е централно-поставениот панел за инструменти, но сега е целосно дигитален. Кружниот OLED екран е единствениот дисплеј, а околу него се поставени отворите за вентилација и малкуте физички контроли кои се во кабината. Секако, Mini добива детален хед-ап дисплеј и други супер-напредни технологии кои се очекуваат во денешните автомобили.

Истовремено, Mini денес го претстави новиот, поголем и поробустен Countryman. Интересно, кај новиот Countryman дебитира новиот Charismatic Simplicity дизајнерски јазик на Mini па доминираат правоаголните форми – има значително помалку закривени линии, а новиот лик има нова осмоаголна маска и нови, редизајниран предни светла. Сето ова му дава поагресивен и поробустен лик.

Поврзано:  Ова е целосно новиот Mini Aceman!

На задниот дел вниманието одат кон тенките Matrix LED задни светла кои ја имаат графиката од британското знаме, но забележуваме и понагласен заден спојлер. Исто како кај Cooper, ниту кај Countryman нема хромирани детали – и тоа навистина ни се допаѓа.

Сега за сега ќе се нудат само електрични верзии, но од Mini потврдуваат дека ќе се нудат и верзии со конвенционални мотори. На самиот старт Countryman ќе може да се добие во две конфигурации. Првата е Countryman E со 204 коњски сили и погон на предните тркала, додека над него е Countryman SE со 313 коњски сили и безмалку 500 Nm вртежен момент. Оваа верзија има два електромотори и може да забрза до 100 километри за само 5.6 секунди. Двете верзии користат батерија со капацитет од 64.7 kWh.

Новите Cooper и Countryman ќе бидат достапни од почетокот на следната година. Прво ќе бидат достапни електричните верзии, но понатаму во понудата ќе се приклучат и верзии со конвенционални мотори кои ќе се нудат сè до 2030, за кога Mini најави дека ќе се трансформира во целосно-електричен бренд.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.