Skoda започна да ги открива новите Superb и Kodiaq – и започна токму со ентериерите на своите најголеми модели.
Чешкиот бренд се подготвува официјално да ги открие новите Superb и Kodiaq и денес ни овозможи да ги погледнеме нивните ентериери. Ентериерите се слични, но сепак имаат неколку забележителни разлики. Во кабината на Superb забележуваме поврзани отвори за климатизација и амбиентално осветлување околу алуминиумските детали. Од друга страна, кај теренскиот Kodiaq забележуваме поинаков дизајнерски пристап, со поголеми површини кои ја истакнуваат големината на најголемиот SUV на Skoda.
Главниот фокус кај двата автомобили е новиот централно-поставен мултимедијален уред кој користи екран со дијагонала од 13 инчи. Централниот дисплеј изгледа како да лебди, а се комбинира со 10-инчен дигитален дисплеј пред возачот на кој се прикажуваат инструментите. Skoda воведува и Smart Dials, односно три ротирачки контролери поставеин под централниот дисплеј во кои се интегрирани мали, 1.25-инчни екрани. Страничните прстени се наменети за контролирање на климата и вентилацијата, додека централниот прстен се прилагодува и може да се користи за аудио уредот, за насоката на вентилацијата, итн. Нагодувањето на функционалностите на централниот прстен се прави преку централниот уред, а со притискање на централниот прстен се менуваат функциите.
Она што забежежуваме е дека контролерот за DSG менувачот е преместен на управувачкиот столб – што пак овозможува повеќе простор на централната конзола меѓу возачот и совозачот. Skoda напоменува дека новите Kodiaq и Superb ќе добијат и нов безжичен полнач за мобилни уреди со активно ладење, многу простор за одлагање ситници, седишта со масажа и многу, многу повеќе.
Истовремено, од Skoda гордо кажуваат дека сите текстили во ентериерот се изработени од 100% рециклинра полиестер, а кожата во кабината е обработена со еколошки процес на штавење кој користи остатоци од кафе. Достапни ќе бидат неколку различни опции за материјали и бои во кабината, па купувачите лесно ќе до одберат својот фаворит.