ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG GT Coupé – Дизајнот на новиот знаменосец на AMG е на Славче Таневски! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Mercedes-AMG GT Coupé – Дизајнот на новиот знаменосец на AMG е на Славче Таневски!

Новиот знаменосец на Mercedes-AMG доаѓа со 4-литарски твин-турбо V8, 585 коњски сили, погон на сите четири тркала и дизајн потпишан од Македонецот Славче Таневски!

Во својата втора генерација, Mercedes-AMG GT Coupe се трансформира во хардкор 2+2 купе со уште повеќе моќ, уште повеќе сексапил и нијанса повеќе практичност. Како што и очекувавме, срцето на Mercedes-AMG GT Coupé е добро-познатиот 4-литарски твин-турбо V8 кој кон сите четири тркала (со очигледна преференца на задните тркала, секако) испорачува 585 коњски сили при 5500 вртежи во минута и моќни 800 Nm вртежен момент од 2000 до 5000 вртежи во минута. Резултат на сето ова? Спринт до 100 километри на час за само 3.2 секунди и максимални 315 километри на час!

Mercedes-AMG GT Coupé ќе се нуди исклучиво со 9-брзински AMG Speedshift автоматски менувач и AMG Performance 4Matic+ погон на сите четири тркала. Секако, тука се и технолошките решенија во форма на AMG Active Ride Control, заден заклучувачки диференцијал, управување на задната оска и активните аеро-компоненти.

Дизајнот на новиот знаменосец на Mercedes-AMG го потпишува Славче Таневски – македонскиот дизајнер кој веќе повеќе од една декада работи и дизајнира токму за Mercedes-Benz и Mercedes-AMG и човекот на кого му го дадовме првото Златно Тркало признание за промоција на Македонија во светската автомобилска индустрија. Откако Славче го дизајнираше новиот SL, но и електричните EQA, EQS SUV и многу други модели, сега на ред дојде знаменосецот на Mercedes-AMG и токму тоа зборува за довербата која германскиот гигант ја има во македонскиот дизајнер.

Новиот Mercedes-AMG GT Coupé веднаш асоцира на својот претходник, но ставот и формата се уште поагресивни и подинамични. Вреди да се напомене дека новиот Mercedes-AMG GT Coupé  е поставен на нова архитектура која користи напредни, егзотични материјали за да постигне врвна цврстина и врвни спортски перформанси.

Поврзано:  Новите Vito Tourer и V-Class пристигнаа во салонот на Mercedes-Benz

На предниот дел доминираат широките светла и големата предна маска на ладилникот. Крилата се мускулести и тензични, додека задниот дел е широк, атлетски и му дава на автомобилот став како да е подготвен да скокне и да нападне во секој момент. Истовремено, формата е класична за спортско купе – предниот дел е долг, кабината е повлечена наназад а задниот дел е краток и дрзок.

Кабината ги добива дигиталните екрани компоненти кои веќе дебитираа кај SL – тоа значи 12.3-инчен дигитален панел со инструменти пред возачот, како и 11.9-инчен централно-поставен екран за мултимедијалниот уред и многу од функционалностите во ентериерот. Секако, тука се спортските седишта и специјалниот AMG ушравувач. Интересен детал кој го забележуваме е скоро целосното отсуство на пијано-црни пластики – во кабината доминираат алуминиумот, карбонските детали и секако – врвна кожа.

Продажбата се очекува да започне до крајот на оваа година, односно во првите неколку месеци од следната.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.