ПРЕМИЕРА: Со новиот CLE Coupe, Mercedes-Benz заменува два различни модели – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Со новиот CLE Coupe, Mercedes-Benz заменува два различни модели

Со новиот CLE, Mercedes-Benz воведува модел со кој ќе ги замени C-Class Coupe и E-Class Coupe, но и нивните соодветни кабриолет изведби.

Логиката на Mercedes-Benz е прилично разбирлива – купувачите сè повеќе се ориентираат кон големи и тешки SUV модели, што пак резултира со (за жал) намалена продажба на значително поелегантни и (во нашите очи) попривлечни спортски купе модели. Со воведувањето на CLE во понудата, Mercedes-Benz со еден модел ги заменува C-Class Coupe и E-Class Coupe.

Препознаваме визуелни детали кои директно асоцираат и на C-Class и на E-Class, но би рекле дека повеќе наликува на помалиот автомобил – ова се должи на поострата предница потесната предна решетка. Профилот е динамичен и чист, со остри карактерни линии. На задниот дел светлосните елементи се спојуваат во една целина. Секако, бидејќи зборуваме за купе, вратите се без рамки а целата силуета е ниска и динамична.

Кабината е помалку или повеќе идентична како онаа во C-Class – а тоа значи голем 12.3-инчен дисплеј наменет за инструментите пред возачот, како и 11.9-инчен централно-поставен екран за мултимедијалните функционалности. Она кое CLE го добива од E-Class е најновиот MBUX кој доаѓа со можност за инсталирање дополнителни апликации.

Од E-Class доаѓа и палетата на мотори – која (верувале или не) вклучува и турбодизел. Сите мотори се со лајт-хибридна компонента, а понудата започнува со CLE 220d кој испорачува 200 дизелски коњски сили. Маааалку над него е 204-коњскиот CLE 200 турбо-бензинец. Двата мотори стандардно доаѓаат со погон на задните тркала, но може да се комбинираат и со 4Matic погон на сите четири тркала.

Понатаму, тука е CLE 300 со 258 коњски сили и 400 Nm вртежен момент, додека на самиот врв е шест-цилиндерскиот CLE 450 кој располага со 381 коњска сила и 500 Nm вртежен момент, кои пак овозможуваат забрзување до 100 километри на час за само 4.4 секунди. Секако, понатаму во понудата ќе се приклучат и неизбежните Mercedes-AMG изведби. Дополнително, заедно со CLE Coupe, Mercedes-Benz го претстави и CLE Cabriolet кој е всушност истиот овој модел, само со можност за уживање во луксузот и моќта под отворено небо.

Европската продажба нa CLE ќе започне во Ноември.

 



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.