Porsche Design подготви специјален рачен часовник само за сопствениците на 718 Spyder RS – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Porsche Design подготви специјален рачен часовник само за сопствениците на 718 Spyder RS

Заедно со лансирањето на 718 Spyder RS, Porsche претстави и специјален рачен часовник дизајниран од Porsche Design. Часовникот се вика Chronograph 718 Spyder RS и ќе биде достапен само на сопствениците на врвниот Boxster.

Слично како и автомобилот, и кај часовникот е посветено многу внимание тој да биде лесен и да нуди врвни перформанси. Куќиштето на часовникот е изработено од титаниум за кој кажуваат дека „не тежи ни грам повеќе од потребното“ и може да биде во природна боја на титаниумот или пак во црна боја. За оние кои сакаат нешто навистина уникатно, достапни се дури 114 различни бои преку Paint to Sample програмата на Porsche.

Стаклото е сафирно и има седум анти-рефлективни заштитни слоеви. Сказалките се изработени од специјален материјал кој се вика Super-LumiNova, а забележуваме и многу, многу интересни детали на лицето. Стандардно ќе доаѓа со кожно ремче, а доколку сака купувачот ќе може да нарача и титаниумска алка. Механизмот ја носи ознаката Porsche Design WERK 01.200 и е COSC хронограф-сертифициран.

Како што рековме, овој уникатен часовник ќе им биде понуден само на купувачите на 718 Boxster RS. Интересно е што часовникот ќе го изработува Porsche Design во специјална работилница во Solothurn, Швајцарија. Цената? Од само 9500 Евра.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.