ПРЕМИЕРА: Cupra официјално го претстави херојот на новата ера – Tavascan! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Cupra официјално го претстави херојот на новата ера – Tavascan!

Cupra Tavascan ќе се нуди во две изведби – купувачите ќе можат да го нарачаат новиот електричен Coupe-SUV со 286 или 340 коњски сили!

Со лансирањето на Tavascan, Cupra во своето портфолио додава уште еден електричен автомобил. Tavascan е поставен на MEB платформата на Volkswagen групацијата и ќе се нуди со батерија со капацитет од 77 KWh, со две различни погонски опции. Врвниот Tavascan VZ добива два електромотори и погон на сите четири тркала, но со наклонетост кон задните за подобро управување. Оваа верзија располага со 340 коњски сили и моќни 679 Nm вртежен момент и забрзува до 100 километри на час за само 5.6 секунди.

Втората опција е со моќност од 286 коњски сили и 545 Nm вртежен момент и со погон само на задните тркала. Според информациите од Cupra, токму оваа верзија ќе има поголема автономија, односно максимални 550 километри со едно полнење на батериите. Без разлика која опција ќе ја одберете, Cupra Tavascan може да се полни со максимална моќност од 135 kW и полнењето од 10 до 80% трае помалку од 30 минути.

Но вистинскиот хит на Tavascan е токму дизајнот. Од Cupra кажуваат дека има „застрашувачки и мистериозен изглед“ – и искрено, мораме да се согласиме. Остриот лик и агресивниот став му даваат на електричниот SUV навистина поинаков изглед. Комбинацијата од агресивен преден дел, купеовски профил и висок заден дел со едноделен светлосен елемент и гордото Cupra лого му даваат на Tavascan навистина импозантен став. Дополнителна улога имаат и тркалата и ќе можете да одберете меѓу тркала со дијаметар од 19, 20 или 21-инч!

Слична приказна за храбар и несекојдневен дизајн продолжува и во кабината. Да, тука се очекуваните дигитални панели но интересен дизајнерски елемент е централниот гребен кој ја спојува конзолата меѓу возачот и совозачот со централната конзола.

Поврзано:  Cupra ги претстави освежените Leon и Formentor

Пред возачот е поставен 5.3-инчен дисплеј на кој се прикажуваат сите потребни информации, додека на средината на централната конзола е поставен огромен 15-инчен дигитален дисплеј кој е наменет за сите други функционалности.

Tavascan добива и длабоко-профилирани спортски седишта, моќен аудио уред, внатрешно осветлување и многу, многу повеќе.

Cupra Tavascan ќе пристигне во салоните на Cupra во Европа следната година. Шпанскиот бренд е особено амбициозен кога станува збор за Tavascan – најавија дека имаат амбиции да продадат повеќе од 50.000 примероци годишно!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.