Физичките копчиња во автомобилите имаат подобри перформанси од екраните на допир, покажува истражување од Шведска – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Физичките копчиња во автомобилите имаат подобри перформанси од екраните на допир, покажува истражување од Шведска

Резултатите нема да изненадат никого – барем не оние кои ги пробале модерните екрани чувствителни на допир кои се тековниот тренд во автомобилската индустрија. Истражувањето кое го направи Vi Bilägare од Шведска покажа дека кај автомобилите со најлоши перформанси, на возачот му е потребно четири пати повеќе време да заврши едноставни задачи, во однос на физичките контроли.

Резултатите и заклучоците се едноставни – екраните во автомобилите стануваат сè поголеми, а дизајнерските тимови сакаат да ги исфрлат физичките копчиња иако се значително подобри, особено кога станува збор за безбедноста.

Според Vi Bilägare, инспирацијата за сè поголемите екрани доаѓа од паметните телефони и таблетите (и несреќната одлука на Tesla да вгради огромен екран во Model S пред години и години, н.з.). Со цел да ги тестира интерфејсите на различни автомобили, Vi Bilägare тестираше дванаесет различни автомобили. Дизајнерите сакаат „чист“ ентериер со малку прекинувачи, а финансискиот оддел кај секој производител сака да ги намали трошоците. Па пристапот е лесен – наместо да развива, набавува и складира прекинувачи, тие ќе бидат заменети со екрани кои можат да бидат надградени.

И како тоа влијае на безбедноста? Vi Bilägare одбра 11 модерни автомобили и ги однесе на аеродром, каде го мереа времето потребно да се направи некаква лесна работа – да се смени радио-станицата или да се нагоди клима-уредот – и тоа при брзини од 110 километри на час. Како точка за споредба, земале и „олд-скул“ автомобил со физички контроли – 17 години  старо Volvo V70. Секако, на возачите им било дозволено да се запознаат со автомобилите и да ги „поднаучат“ системите пред тестирањето да биде извршено.

Гласовните команди биле целосно исклучени од тестирањето поради неконзистентноста на самите системи, како и фактот дека не функционираат на сите јазици.

Резултатите од сето ова? Во автомобилите со најлоши резултати биле потребно да се поминат дури 1400 метри за да се завршат зададените задачи. Во старото Volvo V70 со физички контроли? Само 300 метри.

Во старото Volvo биле потребни само 10 секунди за да се завршат работите, односно возилото поминало само 306 метри при брзина од 110 километри на час. На сосем другиот крај е MG Marvel R, каде на возачот му биле потребни дури 44.6 секунди, односно поминал 1372 метри. Добри резултати имале новиот Dacia Sandero кој има екран на допир, но нема премногу функционалности во него, како и Volvo C40 кој покажал дека екранот на допир не мора да е комплициран.

Фотографии: Glenn Lindberg/Vi Bilägare



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.