DeLorean се враќа – Alpha5 е електрично спортско купе со оние, препознатливите врати! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

DeLorean се враќа – Alpha5 е електрично спортско купе со оние, препознатливите врати!

Се сеќавате на Back to the Future и незаменливиот DeLorean DMC-12? Епа компанијата се враќа, но овој пат со електрично купе кое ги има истите, препознатливи врати како и DMC-12!

Новиот Alpha5 оддава почит на легендарниот DMC-12 токму преку тие препознатливи врати – но инаку дизајнот е целосно нов. Тенките предни и задни светлосни елементи наметнуваат дека се работи за нов, модерен и футуристички дизајн, сето тоа е истакнато и преку исклучително низок коефициент на отпор на воздухот од само 0.23.

Секако, согласно трендовите – Alpha5 е електрично купе со погон кон овозможува забрзување до 100 километри на час за околу 3.5 секунди, максимална брзина од 241 километри на час и автономија од нешто под 500 километри со полни батерии.

Од DeLorean најавуваат дека понатаму ќе се понудат и модели со уште подобри перформанси, а напоменуваат дека вака-опремениот Alpha5 забрзува до 88 милји на час (референца кон Back to the Future) за само 4.35 секунди. Она кое го знаеме е дека Alpha5 ќе се произведува во Италија и дека погонот потекнува од производител во Обединетото Кралство. Останува само да погодуваме дали DeLorean Alpha5 има некаква врска со електричните модели на Lotus.

Интересно е дека ќе бидат произведени само 88 (хех) автомобили, а најавено е дека во понудата наскоро ќе биде додадено и спортско купе со V8, а понатаму ќе бидат понудени и електричен седан, како и SUV кој ќе користи водород како гориво. Официјално, производството на Alpha5 ќе започне во 2024.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.