ПРЕМИЕРА: Alfa Romeo ги претстави новите Estrema изведби на Giulia и Stelvio – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Alfa Romeo ги претстави новите Estrema изведби на Giulia и Stelvio

Estrema верзиите на Giulia и Stelvio добиваат компоненти од врвните Quadrifoglio модели!

Giulia Estrema и Stelvio Estrema се „првите глобално-достапни лимитирани серии од Alfa Romeo“. Во хиерархијатa на Alfa Romeo, овие модели се поставени меѓу спортските Veloce изведби и врвните Quadrifoglio модели. Меѓу другото, Giulia Estrema и Stelvio Estrema добиваат адаптивна суспензија и диференцијал со ограничено пролизгување – компоненти кои доаѓаат и директно од Quadrifoglio моделите. Напредната, активна адаптивна суспензија ја „чита“ подлогата во реално време и ги нагодува амортизерите кон условите на патот за да понуди уште подобро управување.

Задолжен за задвижување на Estrema верзиите ќе биде 2-литарскиот турбо-бензинец кој испорачува 280 коњски сили и 415 Nm вртежен момент. Силата ја испорачува кон сите четири тркала кај Stelvio, односно кон задните кај Giulia – но и Giulia Estrema може да се нарача со Q4 погон на сите четири тркала.

Сите овие подобрувања значат и подобри перформанси кај Giulia Estrema – која забрзува до 100 километри на час за 5.5 секунди доколку силата ја пренесува кон задните тркала, односно само 5.1 секунда кога е опремена со Q4. Stelvio Estrema забрзува до 100 километри на час за 5.5 секунди.

Нагласената агресивност се забележува преку карбонските детали на предната маска и страничните ретровизори, како и црните детали околу каросеријата, темните Estrema значки и црни шепи на сопирачките. Секако, црни се и тркалата, а кај Giulia Estrema ќе биде достапна опција за пошироки задни тркала за уште подинамичен став и подобро управување.

Estrema верзиите ќе бидат достапни глобално и наскоро ќе бидат достапни за нарачка.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.