Stellantis ги објави своите планови – станува целосно-електричен во Европа до 2030! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Stellantis ги објави своите планови – станува целосно-електричен во Европа до 2030!

Автомобилскиот гигант денес ги објави своите амбиции – стратешкиот план се вика Dare Forward 2030 и најавува дека сите брендови ќе станат целосно-електрични во Европа до 2030, а карбон-неутралност треба да се достигне до 2038.

Плановите на Stellantis групацијата се амбициозни – но не и изненадувачки, со оглед на капацитетите и големината на автомобилскиот гигант. На денешната конференција, Dare Forward 2030 планот специфицираше дека Stellantis ќе понуди повеќе од 75 различни електрични возила меѓу 2022 и 2030 (од вкупно 100 кои ќе бидат лансирани).

Но Stellantis оди чекор понатаму – сакаат електричните возила да имаат стопроцентен удел во продажбата во Европа и 50% од продажбата во САД во рамките на сите брендови (со забелешка дека оваа бројка претпоставува дека ќе бидат донесени јавни политики кои ќе придонесат кон ова). Дополнително, Stellantis планира да ги намали емисиите на јаглерод за 50% до 2030, односно да бидат неутрални во однос на нив до 2038.

Carlos Tavares – извршниот директор на Stellantis изјави дека „патот на Stellantis е погонуван од фокус кон иновации и инженерско совршенство кое ќе ги стават најновите технологии во сите наши возила, од најдостапните до оние со врвни перформанси и врвен луксуз.“ Како ќе го постигнат тоа? Преку електрификација, дигитализација и нудење на врвни технологии. Најавија дека автономните технологии ќе скокнат од Ниво 2 на Ниво 2+, а Ниво 3 (кое овозможува возење без допирање на управувачот) во 2024 (и тоа во соработка со BMW). Но нема да запрат таму – во соработка со Waymo ќе понудат и Ниво 4 и Ниво 5 возила кои ќе бидат целосно автономни.

Секако, за сето ова да биде можно, потребно е да се зголеми производството на батерии. Според најавениот план, годишно ќе се произведуваат батерии со капацитет од 400 GWh (дури 140 GWh повеќе од претходно-најавеното), а ќе бидат искористени и технологии за водородни ќелии кои ќе се користат кај средните и големи комбиња, како и големите камиони.

Сето ова ветува навистина многу – Stellantis настапува амбициозно и самоуверено, како што и му доликува на ваков гигант.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.