Официјално: Rimac Nevera – 1914 коњски сили и „стотка“ за 1.97 секунди! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Rimac Nevera – 1914 коњски сили и „стотка“ за 1.97 секунди!

C_Two на Rimac Automobili беше претставен пред нешто повеќе од три години – а денес го гледаме финалниот продукт кој се вика Rimac Nevera!

Името на Nevera доаѓа од хрватскиот назив за неочекувани медитерански бури – и тоа е некако соодветно за ваков автомобил. Бројките се импресивни – архитектурата која користи четири мотори и батерија со капацитет од 120 kWh нуди вкупно (и ова звучи неверојатно) 1914 коњски сили и 2360 Nm вртежен момент. Што значи тоа во однос на перформансите? Па, како ви звучат „стотка“ за 1.97 секунди и максимални 412 километри на час? Бенчмаркот од четвртина милја се поминува за само 8.6 секунди, а забрзувањето од 0 до 300 километри на час трае 9.3 секунди.

А ако сте внимателни, според официјалните мерења ќе можете да поминете 550 километри со едно полнење на батериите. Секако, бидете агресивни и таа автономија ќе се намали прилично брзо – но сепак убаво е да се знае дека Nevera може да биде и комфорен крстосувач. За тоа има удел и аеродинамиката, односно напредните системи за активна аеродинамика – Low Drag режимот го намалува коефициентот на отпор на 0.30, а High Downforce режимот ја зголемува потисната сила за цели 326%!

Кога ќе ги потрошите батериите – и ако можете да најдете доволно брз полнач со моќност од 500 kW – Nevera ќе ги наполни батериите од 0 до 80% за само 22 минути. Целиот автомобил е изработен од карбонски влакна, а дури и батериите се интегрален дел од структурата на Nevera и обезбедуваат дури 37% од вкупната цврстина на Nevera која тежи 2150 килограми.

За запирање на Nevera се задолжени огромни, 390-милиметарски сопирачки од Brembo, а од Rimac кажуваат дека Nevera го има најнапредниот и најмоќниот систем за регенеративно сопирање.

Поврзано:  Rimac го слави 15-тиот роденден со специјална Nevera

Инаку, ќе бидат произведени само 150 примероци и секој од нив ќе чини по 2 милиони Евра. Секој автомобил ќе биде лично прегледан од основачот Мате Римац, а на купувачите ќе им бидат понудени неколку верзии – GT, Signature, Timeless или Bespoke со уште повеќе можности за персонализација.

Всушност, од Rimac кажуваат дека нема да има два идентични примероци од Nevera.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.