full screen background image
Search

ПРЕМИЕРА: Новиот Mercedes-Maybach S-Class е гигантска супер-супер-луксузна лимузина

Новата, супер-опулентна луксузна лимузина на Mercedes-Maybach е најдоброто кое Daimler може да го понуди.

Од каде да започнеме? Ајде од визуелните измени. Големата Mercedes-Maybach S-Class има меѓуоскино растојание кое подолго за цели 18 сантиметри во однос на „обичната“ (и веќе огромна) S-Class.. Добива скапоцени детали и многу, многу технологија, а двобојната комбинација се фарба рачно и процесот трае цела седмица!

Секако, новиот Mercedes-Maybach е базиран на новата S-Class, но со уште повеќе опрема, играчки и скапи детали. Надворешноста се издвојува преку големиот, хромиран елемент во предниот браник, како и огромните тркала. Задните врати се отвораат на копче, а целиот автомобил е поставен на напредна воздушна суспензија со специјален Maybach режим кој наметнува уште поопуштено возење – во овој режим автомобилот тргнува во втора брзина, а суспензијата е уште помека и менувачот е уште посмирен. Maybach добива и систем за автономно возење од трето ниво, кој му дозволува на возачот да ги тргне рацете од управувачот во одредени ситуации.

Сепак, како и кај другите модели на Maybach, главната приказна е во ентериерот – и тоа на задните седишта. Секој примерок ќе добие екслузивни, супер-комфорни фотелји во кои ги има сите можни системи за уживање и комфор – дури и систем за масажа на мускулите на долниот дел од нозете.

Задните седишта добиваат и систем за „подавање“ на безбедносниот појас, како и надграден MBUX за патниците на задните седишта кој препознава команди со гестикулации на рацете. Сакате апсолутен мир? Нема проблем – супер-напредниот Burmester 4D аудио уред нуди напредна Noise Cancelling функционалност за сите несакани звуци да бидат елиминирани.

Поврзано:   Brabus го претстави лудиот Rocket 900!

Во зависност од пазарот, Mercedes-Maybach S-Class ќе може да се добие во неколку погонски конфигурации. Основната е S580 4Matic која користи 4-литарски твин-турбо V8 кој испорачува 500 коњски сили и има лајт-хибриден систем кој испорачува дополнителни 20-тина коњи. Над него е моќниот S650 кој користи 6-литрарски V12 со 630 коњски сили, а на некои пазари ќе се нуди и плаг-ин хибридна верзија која комбинира 3-литарски линиски шест-цилиндерски бензинец со електромотор за вкупно 510 коњски сили.

Колку чини сето ова? Пфф, тотално неважно…



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.