full screen background image
Search

АВТОбиографија: Зборуваме со Александар за неговиот Suzuki Swift!

Денес во АВТОбиографија ќе зборуваме со Александар – кој својата пасија ја дели меѓу авионите и автомобилите!

Здраво Александар! Многумина те знаат како пилотот Микси – но сепак, кажи ни нешто повеќе за тебе.

Здраво CARclub! Да, Микси – пилот и машински инженер со огромна пасија кон авионите, а и автомобилите. Некако мислев дека во текот на животот ќе преовладаат авионите меѓутоа до сега тоа не се случи, па е некако 50-50. Ги сакам и едните и другите подеднакво. Не работам во авијацијата меѓутоа голем дел од времето поминувам во авион затоа што имам, односно имаме заедно со моите тројца другари клуб и школа за пилоти на ултра лесни авиони – Wingair Team.

Останатото слободно време го посветувам на неколкуте автомобили што ги поседувам јас, или пак ги поседува моето семејство. Меѓу нив е и ова Свифтче заради кое сме денес тука!

Денес сме тука да зборуваме за твојот Suzuki Swift. Кажи ни за твојата врска со овој автомобил.

Хахаха врска баш. Едно време ми беше како девојка. Така се сакавме! Инаку колава првично беше купена за мајка ми во далечната 1995-та година кога јас имав само 15 години. Иако тогаш сè уште немав возачка дозвола, многу често ја крадеви се возев низ населба. Покасно – значи кога наполнив 18 години – ја добив на трајно користење и практично стана мојата прва кола.

Како одеше реставрацијата? Со какви проблеми и авантури се соочуваше?

По некоја случајност, Swift-от остана кај нас без некој да има потреба од колата. Од време на време ја возеше сестра ми и можете да замислите до каква состојба стигна. Кога конечно дојде момент кога требаше да решам што со неа – ете решив, и го гледате резултот.

Имаше доста работа бидејќи беше и кородирано и испочукано во сите ќошиња. Прво ја средив каросеријата, па потоа внатрешноста. Внатрешноста беше сочувана ама на седиштата веќе им се гледаа годините па решив и нив да ги репарирам па така добија нов, не-фабрички тапацир.

Потоа сменив сè што може да се смени на подвозјето и практично сега е како ново. Моторот си беше одличен како и секогаш и таму немаше што да се прави.

Сигурно имаш многу интересни случки со твојот Swift, раскажи ни за некоја.

Има многу, не можам да издвојам некојa конкретна случка – ама ќе спомнам дека редовно се возевме по 5-6 души внатре. Искрено – сега не можам да сфатам како било тоа изводливо. Стварно, едвај влегувам и излегувам самиот!

Имаш некакви планови за дополнително „чепкање“ на Swift-от во иднина?

План ми беше да се врати во фабричка состојба. И тоа е интересно ако го земеме фактот дека веќе има 25 години. И сега за сега сум на тоа. Ама… во Грција има доста јаки моторчиња, па не се знае… Уствари се знае, само не можам точно да кажам кога. ;)

Конечно, да ти се заблагодариме за можноста подобро да те запознаеме тебе, но и твојот Suzuki Swift. Имаш нешто да им порачаш на нашите читатели?

Има уживање и во стара кола, ако е добро средена. Значи сите што имаат ваква можност да не ја пропуштат! И да го следат CARclub, нормално.

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.