ТЕСТ: Mazda 3 Skyactiv-X 180 AWD GT+ – Јапонски врв на бензинската технологија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Mazda 3 Skyactiv-X 180 AWD GT+ – Јапонски врв на бензинската технологија!

Во време кога сите одат кон турбо-бензинци, Mazda дава нов залет на атмосферските бензинци со новите Skyactiv-X мотори – но каде е всушност магијата? Возевме Mazda 3 токму со ваков мотор!

Новата Mazda 3 не ни е непозната – ја возевме минатата година опремена со 2-литарски атмосферски бензинец со 120 коњски сили и уште тогаш „ја испофаливме“ – во нашите очи изгледа фантастично, јапонските мајстори успеале да направат ентериер на кој можат да позавидат модели од европските премиум брендови, а целиот автомобил оддава чувство на квалитет и издржливост  – но уште тогаш рековме дека ѝ недостасува помоќен мотор и дека иако 120 коњски сили не се малку, сепак – може повеќе!

Накратко, што е Skyactiv-X?

И денес, еве го одговорот – Mazda 3 опремена со магичниот Skyactiv-X бензински мотор. Но што е толку магично тука? Одговорот е во компресијата – ако конвенционалните бензинци имаат компресиски однос од 10:1 до 14:1, Skyactiv-X бензинецот има компресиски однос од 16.3:1 – и токму тука е магијата. Всушност, ако споредуваме, компресијата кај Skyactiv-X бензинците е многу блиску до онаа кај дизелите.

Магијата има и свое име – Spark-Controlled Compression Ignition, односно SPCCI. Во суштина, оваа технологија овозможува во коморите на моторот да биде вбризгана ултра-сиромашна мешавина од бензин и воздух која овозможува повисок степен на компресија, што пак резултира со подобри перформанси и намалена потрошувачка на бензин.

А какви се перформансите и потрошувачката?

Какви перформанси? Според официјалните податоци, овој мотор испорачува 180 коњски сили при 6000 вртежи во минута и 224 Nm вртежен момент при 3000 вртежи во минута. Во нашиот автомобил силата ја испорачуваше кон сите четири тркала преку Skyactiv автоматски менувач со шест брзини.

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

Резултат на сето тоа е спринт до 100 километри на час за респектабилни 8.9 секунди, како и максимална брзина од 211 километри на час. За оние кои сакаат уште подобри перформанси ја препорачуваме верзијата со погон само на предните тркала и мануелен менувач – тука максималната брзина е нешто повисока, а забрзувањето до 100 километри на час е поблиску до 8 секунди.

Она кое навистина мораме да го напоменеме е рафинираноста на моторот – едноставно, нема скоро никакви несакани вибрации, ниту пак непријатно-силен „удар“ – моторот ја испорачува силата линеарно и предвидливо, а сето тоа резултира со премиум чувство кое како да сме го заборавиле кај новите турбо-бензинци.

А околу потрошувачката? Официјалните податоци говорат за 6.6 литри бензин на 100 изминати километри во градски услови, односно 4.9 литри надвор од град. Ние не успеавме да ги постигнеме тие бројки, но измеривме нешто над 8 литри во град, односно малку над 6 литри на отворено.

Секако, веќе знаеме дека Mazda 3 е супер-секси хечбек!

Инаку, Mazda 3 и понатаму е супер-секси (барем во нашите очи), има прекрасна, врвно-изработена кабина (особено ни се допаднаа прекрасните црвени кожни седишта во нашиот демо-автомобил) и доаѓа со многу, многу опрема – од силни Matrix LED светла, до моќен Bose аудио уред, мултимедијален уред со навигација, Bluetooth поврзување, греење на предните седишта и управувачот, хед-ап дисплеј, но и 18-инчни тркала и уште многу, многу повеќе.

Иако не пренесува премногу информации од подлогата, управувањето е сепак директно и прецизно, а Mazda 3 верно ги следи насоките. Прилепувањето кон подлогата е дури изненадувачко – а тука свој удел имаат погонот на сите четири тркала, како и широките пневматици. Од друга страна, во кабината во ниту еден момент нема никаков компромис во однос на комфорот – да, Mazda 3 е цврста и динамична, и влева доверба во нејзините можности – но во ниту еден момент во кабината не се пренесуваат силни удари ниту вибрации. Шасијата е прилагодена да биде максимално неутрална – дури и кога ќе претерате, нема нагласено подуправување, „Тројката“ едноставно ја следи посакуваната траекторија.

Поврзано:  Mazda, Toyota и Subaru ги здружуваат силите во развивање на нови хибридни мотори

Заклучок? Има зошто Mazda 3 е еден од нашите омилени модели во сегментот.

Заклучокот само го потврдува ставот од минатиот пат – Mazda 3 е убава, технолошки-напредна, одлично-изработена и богато опремена. Плус, искуството зад воланот е динамично кога сакате да биде, опуштено кога тоа ќе го побарате. Има зошто токму Mazda 3 е еден од нашите омилени модели во сегментот.

Спецификации

Модел: Mazda 3 Hatchback 2.0 Skyactiv-G Mild Hybrid Auto
Мотор: 2-литарски атмосферски Skyactiv-X бензинец, 4 цилиндри
Моќност: 180 коњски сили / 6000 вртежи во минута
Вртежен Момент: 224 Nm / 3000 вртежи во минута
Менувач: Автоматски, 6 брзини
0-100 км/ч: 8.9 секунди
Максимална Брзина: 211 километри на час
Должина: 4460 mm
Ширина: 2028 mm (со странични ретровизори)
Висина: 1435 mm
Тежина: 1375 килограми
Меѓуоскино Растојание: 2725 mm
Багажен Простор: 351 – 1026 литри
Потрошувачка: 8.1 литри на 100 километри (измерена, градска)
Цена на основниот модел: Mazda 3 Hatchback Comfort – 21.480 Евра
Цена на тестираниот модел: Mazda 3 Hatchback 2.0 Skyactiv-X AWD Auto GT+ – 37.180 Евра
Повеќе Информации: Mazda.mk

Фотографии



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.