Со освежувањето, семејството Arteon добива и знаменосец во форма на 320-коњскиот Arteon R, а во понудата доаѓа и супер-ефикасен плаг-ин хибрид.
Пристапот на Volkswagen кон освежувањето на Arteon е прилично јасен – ако не е расипано, не го поправај. Arteon е веќе еден од најинтересните автомобили во сегментот, па препознаваме само дискретно редизајниран преден дел со подинамични отвори за воздух и редизајниран светлосен потпис, нови задни светла, нови хромирани додатоци и нов завршеток на издувниот систем, како и редизајниран заден дифузер. Како што рековме – нема премногу измени, но не ни беа нешто особено потребни, ако сме искрени.
Најважниот новитет е караванската изведба на Arteon – новиот Arteon Shooting Brake. Да, да, во ред – некои секако ќе го „хејтаат“ името Shooting Brake, но повторно, ајде да бидеме искрени – Arteon Shooting Brake изгледа одлично. Караванската изведба му прилега на големиот автомобил, а спортскиот караван е и супер-практичен – со преклопени задни седишта багажникот е со вкупен капацитет од одлични 1632 литри! Формата на Arteon Shooting Brake е чиста, едноставна и елегантна, без непотребни детали и дизајнерски елементи.
Ентериерот добива ревидирана кабина, каде повторно, измените не се драстични – препознаваме редизајниран управувач, нова централна конзола со елементи преземени од новите решенија кај Golf 8, како и редизајнирани отвори за клима уредот, нов MIB3 мултимедијален уред сo Apple CarPlay и Android Auto, итн. Добиваме и некои нови опции за материјали, како и неколку нови играчки – како на пример супер-моќен аудио уред од Harman Kardon, како и одличниот Travel Assist систем за полу-автономно возење при брзини од 0 до 210 километри на час.
Со освежениот Arteon, Volkswagen воведува и плаг-ин хибрид со ознаката Arteon eHybrid. Немаме премногу детали околу погонот, но знаеме дека ќе испорачува 218 коњски сили. Од Volkswagen потврдија дека Arteon eHybrid ќе може да се нарача во двете каросерски изведби.
Новиот знаменосец на гамата е Arteon R кој ќе биде достапен во регуларна и Shooting Brake изведба. Arteon R добива 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 320 коњски сили, кои се пренесуваат кон сите 4Motion систем за погон на сите четири тркала со R-Performance технологија за векторирање на вртежниот момент.
За нас? Еден Arteon Shooting Brake R во сина боја, благодариме!